По сè изгледа човештвото е на работ од откритие на првиот лек што го одвраќа процесот на стареење, барем така сметаат научниците кои стојат зад почетната фаза на клиничките истражувања за ваквиот лек, пишува стручното списание „Њу сајантист“.
За време на прелиминарната студија, деветмина мажи во текот на една година земале коктел од лекови, чија примарна цел е да го поништат стареењето, а по завршувањето на тестирањето, во биолошка смисла биле една и пол година помлади во споредба со почетната состојба.
Ова е прво човечко клиничко испитување на лек кој може да го промени процесот на стареење и го продолжува животниот век. Сепак, резултатите не се сметаат за целосно релевантни, бидејќи студијата не вклучувала друга контролна група за плацебо ефект.
Мажите, на возраст од 51-65 години, во текот на една година, од три до четири пати неделно земале човечки хормон за раст (rhGH), а за да ја тестираат ефикасноста на лекот, научниците ја мереле нивната биолошка возраст на почетокот и крајот на студијата.
Сите се свесни дека луѓето имаат хронолошка возраст, односно бројот на свеќички што секоја година ги ставаме на роденденската торта. Но, исто така имаме и епигенетска односно биолошка возраст, што покажува колку брзо пропаѓаат нашите клетки во споредба со општата популација. Хронолошката и биолошката возраст може да се разликуваат, но се смета дека епигенетиката подобро го предвидува очекуваниот животен век.
Научниците за време на студијата користеле четири различни методи за определување на епигенетската возраст, а сите тие покажале дека биолошката возраст на испитаниците е 1 и пол година помлада отколку на почетокот на третманот.
Сепак, со оглед на тоа што многумина мислат дека оваа студија треба да се земе со резерва бидејќи вклучува мал број на учесници и била спроведена без контролна плацебо група, научниците планираат наскоро да ја повторат, вклучувајќи и плацебо група односно овој пат лекот би се тестирал на 100 учесници.
Текстот Научниците откриле лек кој може да го спречи процесот на стареење е превземен од USB.mk.