Хиперсоничната противбродска ракета „Циркон“, која првично беше планирана да биде во вооружувањето на воените бродови, ќе добие и своја копнена варијанта.
Ова го пренесе рускиот претседател Владимир Путин за време на колегиумот со највисоките офицери од Министерството за одбрана.
„Според планот се одвиваат работи на следниве системи: интерконтиненталната балистичка ракета со зголемена моќност „Сармат“, хиперсоничната ракета „Циркон“ со копнено и поморско базирање, беспилотниот подводен апарат со интерконтинентален домет „Посејдон“, крстосувачката ракета со глобален дострел опремена со нуклеарен погонски реактор „Буревесник“, рече првиот човек на Русија, пренесува веб-порталот РГ.
Путин истакна дека Русија за прв пат во историјата е пред САД кога станува збор за развој на нови видови оружје.
Рускиот претседател првпат ја спомна можноста за развој на копнена верзија на хиперсоничниот ракетен систем „Циркон“. Досега овој систем беше исклучиво споменуван во својата поморска верзија (во тек се финалните подготовки за негови интензивни тестирања планирани на ракетната фрегата од класата 22350 „Адмирал Горшков“). Извесно е дека оваа ракета ќе може да лета 10 пати побрзо од брзината на звукот. Нејзиниот ефективен дострел ќе изнесува околу 1000 км. Ракетниот систем „Циркон“ ќе се најде во вооружувањето на ударните крстосувачи, атомските јуришни подморници и други бродови.
Според рускиот контраадмирал во пензија и херој на Русија д-р Всеволод Хмиров, ракетите гарантирано ќе ја уништат својата цел на растојание до 500 км, во временски опсег од најмногу пет минути по лансирањето.
Извор: Russia Beyond
Текстот Незапирливата ракета „Циркон“ ќе има уште една верзија? е превземен од USB.mk.