Задржувањето на температурите на 1,5 до 2 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа би можело да биде многу потешко од тоа што се сметаше досега, покажа новата научна студија.
Дури и ако сите држави на светот би го почитувале Парискиот договор за ограничување на емисијата на штетни гасови, постои голема опасност на Земјата да завладеат услови какви што климатолозите со години ги нарекуваат – услови на стаклена градина.
Авторите во новата студија идентификуваа 10 процеси кои што би можеле да имаат домино ефект и да делуваат по принципот на повратна сила, па растот на температурата нема повеќе да зависи само од емисиите на јаглеород-диоксид предизвикани од луѓето.
Domino-effect of climate events could move Earth into a 'hothouse' state || Via Guardian https://t.co/IvvQtXoUoB
— SafetyPin-Daily (@SafetyPinDaily) August 7, 2018
Во таа група спаѓа топењето на „вечниот мраз“, ослободување на метанските гасови од океанското дно, слабеењето на копнените и морските одводи на CO2, пораст на активностите на бактериите во океаните, изумирање на амазонските прашуми, намалување на снежната покривка на северната хемисфера, исчезнување на арктичкиот мраз во летните месеци и намалување на антартичките морски и копнени замрзнати плочи.
Само за пример, топењето на вечниот мраз од тлото ќе ослободи големи количини на метан, гас кој што е многу посилен од CO2. Тоа ќе предизвика уште поголеми проблеми кога станува збор за ефектот на стаклената градина, што значи дека ќе има нов пораст на температурите и други ефекти.
Некои од тие процеси исто така имаат одредени елементи кои што ќе се претворат во неповолни, односно наместо да ја амортизираат емисијата на CO2 со тоа што ќе ги абсорбираат, во топлиот свет ќе станат нивни огромни, неконтролирани извори.
Имено, научниците предвидуваат дека океаните, кои што моментално ја апсорбираат топлината и CO2 и делуваат како нивно складиште, во еден момент ќе започнат нагло да испуштаат штетни гасови. Слично важи и за копното и шумите кои што моментално, на годишно ниво апсорбираат околу 4,5 милијарди тони CO2.
Според новата студија, тоа би можело да почне да се случува при температури од околу 2 степени Целзиусови повисоки од прединдустриските. Тие моментално се повисоки за 1,1 степен, а Парискиот договор предвидува нивно ограничување на од 1,5 до 2 степени.
Досега, 2 степени Целзиусови се сметаа за линија после која што климатските промени би можеле да станат катастрофални и неповратни. Но, што повеќе се приближуваме до таа линија, тоа значи дека е поголема веројатноста нашите природни сојузници, наместо да апсорбираат, да започнат да испуштаат повеќе CO2.
Авторите предвидуваат дека температурите со текот на времето би се стабилизирале на некој глобален просек кој што би бил од 4 до 5 степени Целзиусови повисок од прединдустрискиот, а нивото на морето би пораснало од 10 до 60 метри.
„Ако се пречекори оваа граница, ќе дојде до сериозно пореметување на екосистемот и економијата. Потребна е колективна човечка акција за Земјините системи да се насочат далеку од потенцијалниот праг“, предупредуваат авторите.
Некои експерти сметаат дека во светот кој би бил за 4 степени Целзиусови потопол би можеле да живеат само една десетина од луѓето кои што моментално ја населуваат нашата планета. Ханс Јоаким Шелнхубер, директор на институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам, вели дека последиците од глобалното затоплување после одредена граница би можеле да предизвикаат брзи и неповратни промени.
Извор: Kurir.rs
Текстот Ни се закануваат горештини какви што немало во последните милион години е превземен од USB.mk.