Кон крајот на изминатиот месец, вселенското летало на НАСА, OSIRIS-REx навлезе во орбитата на астероидот Бену на само 1,75 километри од неговиот центар, а самиот астероид има пречник од 492 метри.
За времетраењето на оваа фаза, уште позната и како Orbital A, не се собираат други податоци, освен од камерата. Добиените фотографии им овозможуваат на научниците што стојат позади оваа мисија да го следат патот на движењето на вселенското летало околу астероидот и да добијат најдобра претстава за неговата јужна хемисфера.
Овој пристап е наречен Оптичка навигација, и двете слики се направени на 17ти јануари со време на експозиција од 1,4 милисекунди. Сликите потоа се прилагодени и обработени за подобро да се забележат деталите.
Целта на ОSIRIS-REx не е само набљудување. Во 2020 година леталото ќе земе примероци од реголит на астероидот. За да се дојде до овој чекор потребно е претходно да се знаат што е можно повеќе податоци за него.
OSIRIS-REx продолжува да ја набљудува површината на астероидот Бену со цел да се најде и најпогодно место за земање примероци. Гравитацијата на астероидот е премногу слаба и на пример сончевата радијација би можела да влијае на вселенското летало и да го измести, па затоа научниците треба да го следат секое придвижување на астероидот и да бидат спремни да прават измени и прилагодувања.
Сондата се наоѓа на околу 91 милиони километри од Земјата, а подеталните истражувања се очекува да започнат за околу еден месец. OSIRIS-REx ќе се врати на Земјата во 2023 година откако ќе собере доволно примероци од астероидот.
Текстот Нови фотографии од астероидот Бену е превземен од USB.mk.