Изучувањето на гравитација, како една од четирите фундаментални сили во нашиот универзум, претставува една од најинтересните и предизвикувачки теми во науката. На предавањето во рамките на Циклусот на Скопско астрономско друштво, во четврток, на 6. декември (почеток 20 часот) ќе стане збор за мислителите кои дале огромен придонес за осознавањето на оваа сила, и поконкретно ќе биде разгледана Ајнштајновата Општа теорија на релативност која ја дава тековната слика, како за гравитацијата, така и за описот на самата природа на нашиот универзум.
Предвидувањата добиени од оваа теорија, иако добиени од пред еден век, неодамна доведоа до едно од најголемите откритија во овој милениум. Детекцијата на гравитациските бранови одекна низ светот како огромен настан, и истиот ја втурнува набљудувачката сстрономија во нова ера. Придружете ни се на следното предавање за да дознаете повеќе за овој епохален успех.
И оваа година, Скопско астрономско друштво организира Циклус предавања на популарни астрономски теми. Циклусот започна на 18.10.2018, а предвидени се 7 предавања од различни области во астрономијата, со актуелни и интересни теми, но и едно предавање од биомедицината на тема која е актуелна и од особено значење. Циклусот е од популарен карактер и е така конципиран што за негово следење не се потребни предзнаења. Предавањата тематски не се директно поврзани помеѓу себе.
Распоредот на предавања е следен:
- Живот на Марс
- Мисијата Касини
- Темниот Универзум
- Космологијата низ вековите
- Теорија на струни
- Терапија и рана детекција на рак: каква иднина ни претстои?
- Црни дупки
- Ајнштајновите теории на релативитет
Цената за секое поединечно предавање изнесува 100 денари. За членовите на Скопско астрономско друштво и за студентите од ФЕИТ, Машински факултет и ФИНКИ – Скопје влезот ќе чини 50 денари од предавање (притоа посетителот треба да покаже членска карта или индекс).
Циклусот е поддржан од Факултетот за електротехника и информациски технологии. За повеќе информации слободно пишете ни на [email protected] или јавете се на 076 439 027.
Текстот Од Ајнштајн до гравитациски бранови – Продолжува циклусот на Скопско астрономско друштво е превземен од USB.mk.