Поминаа три децении од катастрофалната несреќа во нуклеарната електрана Чернобил, но серијата на HBO за оваа катастрофа влијаела на стравот кај Норвежаните.
Откако беше емитувана мини серијата од пет епизоди, во Норвешка била забележана двојно зголемена продажба на таблети јод. Во тие пет недели се продале два пати повеќе таблети во споредба со продажбата пред емитувањето, соопштила Норвешката фармацевтска асоцијација.
“Серијата нè потсети дека работите можат да тргнат на лошо. Иако шансите за слична несреќа се мали, луѓето мора да бидат спремни”, изјавила Астрид Лиланд, лидер на секторот за вонредна состојба во норвешката Дирекција за заштита од зрачење и нуклеарна безбедност.
Таблетите ја штитат жлездата од апсорбција на радиоактивниот јод, ако лекот се земе во рок од неколку часа по зрачењето. Научниците им препорачуваат на возрасните лица, децата и трудниците да поседуваат таблети јод во случај на опасност.
“Колку Норвешка ќе биде погодена, зависи од тоа каде ќе се случи несреќата, но секогаш е важно да имате таблети на располагање”, додала Лиланд.
Исто така, на граѓаните им се препорачува да земат таблети кога одат на одмор во држави кои имаат нуклеарни реактори, како Шпанија и Франција.
“Несреќата може да се случи било каде и било кога, дури и кога сте на одмор”, навела Астрид.
Текстот По серијата Чернобил, двојно зголемена продажбата на таблети јод е превземен од USB.mk.