Под површината на најблиската егзопланета се наоѓаат океани (ВИДЕО)

Идејата дека луѓето можат да живеат на некоја оддалечена планета како алтернатива на животот на Земјата отсекогаш звучела како најобично мечтаење, идеално за некаков научнофантастичен филм или телевизиска емисија.

Но, технологијата со која човештвото би отпловило во освојување на вселенските простори се развива исклучително брзо во последните години, па колонизацијата на Марс веќе не ни се чини дека е невозможна мисија. А тука е и вечното прашање: дали навистина сме сами во универзумот или некаде на друго место сепак има живот сличен на нашиот?

Новата технологија им овозможи на научниците да ги лоцираат потенцијалните егзопланети на кои би можело да има услови за живот. Списокот со таквите планети се зголемува од месец на месец, а една од најблиските кружи околу Барнардовата ѕвезда.

Новите истражувања на таканаречената Барнардова ѕвезда б сугерираат дека топлината настаната со геотермален процес би можела да ги загрева џебовите со вода под површината на планетата. А тоа, според научниците, би требало да биде доволно за развој на живот.

Едвард Гинан и Скот Енгл од Универзитетот „Виланова“ во Пенсилванија располагаат со податоци собирани 15 години. Овие истражувачи се убедени дека површината на планетата е премногу студена за да може да тече вода, но претпоставуваат дека некаде во утробата би можело да има вистински подземни океани.

Барнардовата ѕвезда б од нас е оддалечена шест светлосни години. Таа е околу 3,2 пати поголема од Земјата и орбитира на иста оддалеченост на која Меркур орбитира околу нашето Сонце.

Со своите ледени температури, кои се спуштаат до -170 Целзиусови степени, планетата потсетува на месечината на Јупитер, Европа, која исто така е покриена со мраз. Сепак, егзопланетата со оваа големина, наречена суперземја, е интересна поради геотермалните активности што се одвиваат длабоко под површината.

Нешто слично постои и на Земјата. Под Антарктикот има потповршински езера настанати со помош на загревањето од јадрото. Истражувачите дури и пронашле живот во овие ледени средини. Кој вели дека и во длабочините на Барнардовата ѕвезда б не би можело да се одвива сличен процес?

Повеќето такви идеи засега се само хипотези, но тоа не е причина научниците да не се обидат да откријат дали има живот надвор од Земјата.

Извор: Tportal.hr

Текстот Под површината на најблиската егзопланета се наоѓаат океани (ВИДЕО) е превземен од USB.mk.