Рускиот хуманоиден робот Фјодор, кој се подготвува за лет на Меѓународната вселенска станица, доби функција за гласовна помош за да разговара со космонаутите, соопшти „Роскосмос“.
„Роботот FEDOR (Final Experimental Demonstration Object Research) или Skybot F-850 во моментов се тестира пред полетувањето на МКС во Ракетно-космичката корпорација „Енергија“. Во овие испитувања се вклучени и стручњаци на научно-производствената организација „Андроидна техника“. Подготовки се вршат и во сегментот на репродукција и рецепција на човечки говор. Предвидено е роботот на тој начин да разменува информации со членовите на екипажот“, соопшти „Роскосмос“, пренесуваат руските медиуми.
Како што беше пишувано претходно, рускиот хуманоиден робот Фјодор беше испратен до државната корпорација „Роскосмос“ и ракетно-космичката корпорација „Енергија“ заради испитувања на можностите за негова примена во програмите со човечки екипаж.
Инаку, Фјодор неодамна го промени своето име и сега се вика Skybot F-850. На МКС првиот руски сајбер-космонаут треба да полета на 22 август со вселенскиот брод без екипаж „Сојуз МС-14“. По спојувањето ќе биде пренесен во рускиот сегмент на станицата, каде што под команда на космонаутот Александар Скворцов ќе исполни неколку задачи.
Фјодор е првиот руски хуманоиден робот. Развиен е од Фондот за перспективни истражувања во соработка со „Андроидна техника“ на барање на Министерството за вонредни ситуации н РФ како робот-спасител. Првично роботот беше развиван во рамките на проектот „Аватар“ и го носеше тоа име. Името Фјодор му го даде Дмитриј Рогозин, тогашниот вицепремиер, денес прв човек на корпорацијата „Роскосмос“. Фјодор е првиот робот на светот што направил шпага. Тој, исто така, овладеа со техниката на пукање со пиштол со двете раце, поради што производителот беше лишен од низа странски делови.
Во догледна иднина Фјодор ќе биде првиот пробен пилот на новиот руски вселенски брод со човечки екипаж „Федерација“ чие лансирање е предвидено за 2022 година со ракета-носач „Сојуз-5“ (Иртиш) од космодромот Бајконур. Фјодор, исто така, со бродот „Федерација“ би можел да направи лет околу Месечината.
Извор: Russia Beyond
Текстот Подготвен за лет на МКС: Вселенскиот робот Фјодор прозборе е превземен од USB.mk.