Темна материја и темна енергија се два концепти кои, освен придавката „темна“, немаат ништо заедничко бидејќи се воведени за да опишат различни особини на Вселената. На предавањето што ќе се одржи во четврток, 1. ноември во Амфитеатарот при Факултетот за електротехника и информациски технологии ќе се зборува за тие особини и за предизвиците со кои се соочуваат моделите за темниот Универзум.
И оваа година, Скопско Астрономско Друштво организира Циклус предавања на популарни астрономски теми. Циклусот започна на 18.10.2018, а предавањата се одржуваат секој четврток, со почеток од 20:00 часот, во амфитеатарот на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје.
Предвидени се 7 предавања од различни области во астрономијата, со актуелни и интересни теми, но и едно предавање од биомедицината на тема која е актуелна и од особено значење. Циклусот е од популарен карактер и е така конципиран што за негово следење не се потребни предзнаења. Предавањата тематски не се директно поврзани помеѓу себе.
Распоредот на предавања е следен:
- Живот на Марс
- Мисијата Касини
- Темниот Универзум
- Космологијата низ вековите
- Теорија на струни
- Терапија и рана детекција на рак: каква иднина ни претстои?
- Црни дупки
- Ајнштајновите теории на релативитет
Цената за секое поединечно предавање изнесува 100 денари. За членовите на Скопско Астрономско Друштво и за студентите од ФЕИТ, Машински факултет и ФИНКИ – Скопје влезот ќе чини 50 денари од предавање (притоа посетителот треба да покаже членска карта или индекс).
Циклусот е поддржан од Факултетот за електротехника и информациски технологии. За повеќе информации слободно пишете ни на [email protected] или јавете се на 076 439 027.
Текстот Предавање: Темниот универзум – Продолжува циклусот на Скопско астрономско друштво е превземен од USB.mk.