На 46-годишен маж од Штип со исклучителна срцева слабост денеска му е вградено целосно вештачко срце во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во Скопје. Пациентот во стабилна здравствена состојба и се чувствува добро, информираат од Клиниката.
Станува збор за прв ваков оперативен зафат во Македонија. Операцијата траела повеќе од пет и пол часа, а ја извел тим од Клиниката, предводен од шефот на Одделот за кардиохирургија, проф. д-р Александар Николиќ.
– Вградувањето целосно вештачко срце беше единственото решение за пациентот, кој поради изразена форма на срцева инсуфициенција, функционираше со само 15 отсто од капацитетот на срцето. Со новото срце, тој доби нова шанса за живот и нови шест години за наоѓање соодветен трансплантат. При интервенцијата, комплетно беше отстрането неговото срце и го заменивме со целосно вештачко срце. Оваа интервенција е најдоброто решение, особено кај пациенти кај кои срцевата инсуфициенција е присутна и во десната и левата комора и е значително покомплексна интервенција, за разлика од вградувањето вештачка LVAD-пумпа, која дава механичка поддршка единствено на левата срцева комора, истакна проф. д-р Николиќ.
Од Клиниката наведуваат дека оваа операција на вградување вештачко срце е прва во Македонија, а втора во регионот, по онаа минатогодишната на Институтот за кардиоваскуларни болести „Дедиње” во Белград, исто така изведена од проф. д-р Николиќ.
Механичкото срце е со иста големина како и природното. Се напојува со батерија, која по излегувањето од болницата, пациентот ќе ја носи во специјален ранец на грб, со тежина од шест килограми. Вградувањето механичко срце е тренд во светската кардиохирургија, со оглед на фактот што сè потешко се доаѓа до донорско срце, посочуваат од Клиниката.
Во светски рамки се изведени 1.800 вакви операции, а Македонија влезе на листата од 25 земји во светот каде што се изведува оваа најтешка и најкомплексна интервенција во кардиохирургијата, покрај држави како што се САД, Канада, Франција, Германија, Турција, Велика Британија, Италија.
The post Првпат во Македонија вградено целосно вештачко срце appeared first on USB.mk.