Според анкета спроведена во Велика Британија, авиокомпанијата „Рајанер“ шеста година по ред е прогласена за најлоша меѓу превозниците на кратки растојанија, пренесе Би-би-си.
Резултатите од ова истражување на групацијата „Which?“ се од анкети на патници од 19 различни авиокомпании кои летаат од Велика Британија.
На првите три позиции се Aurigny Air Service, Swiss Airlines и Jet2, а другите поголеми авиокомпании од Велика Британија – EasyJet и British Airways – се најдоа на 11. односно 15. место.
Објаснувањето за незадоволството на патниците на „Рајанер“ лежи во неколку фактори. Минатата година вработените на „Рајанер“ штрајкуваа, па така често имаше откажани летови, за кои компанијата одбила да им ги врати парите на патниците. Понатаму, три пати во текот на 2018 година се менуваа правилата за багаж. Исто така, на патниците кои ги користеле услугите на „Рајанер“, провозникот не им оставил добар впечаток во однос на понудата на храна и пијалоци, услугите за утовар и истовар, а многумина не биле задоволни и од изгледот на внатрешноста на авионите.
Според истражувањето, илјадници испитаници рекле дека никогаш повеќе нема да патуваат со „Рајанер“. Во проценти, 70 отсто од анкетираните на кои им било поставено прашањето со кој авиопревозник никогаш веќе нема да патуваат, одговориле „Рајанер“.
Сепак, независниот консултант Крис Тери за Би-би-си изјавил дека и покрај лошите резултати од истражувањето, луѓето и натаму ќе продолжат да ги користат услугите на „Рајанер“.
„’Рајанер’ и натаму е од голема вредност за многу луѓе. Многу патници го добиваат токму она што го очекуваат, за цената која ја плаќаат“, изјавил Тери.
Текстот „Рајанер“ шеста година по ред прогласен за најлош авиопревозник е превземен од USB.mk.