Русите сакаат да го „брендираат“ светското небо (ВИДЕО)

Руската стартап компанија StartRocket има идеја како рекламирањето на џамбо плакати да го зголеми во вистински џамбо размери.

Нивната идеја е во орбитата на Земјата да лансираат стотици мали CubeSat сателити, со големина од 10x10x10 сантиметри, кои ќе можат да се вклопат во одредена формација. Сите сателити од една група би биле лансирани со иста ракета, на височина од околу 450 километри (нешто повеќе од висината на која се наоѓа Меѓународната вселенска станица).

Таму, групата сателити би формирала екран наречен Orbital Display, во кој секој CubeSat би претставувал по еден пиксел кој може да биде индивидуално контролиран. За да се создаде слика, секој сателит ќе има свое огледало кое ја рефлектира сончевата светлина кон Земјата.

На овој начин се создава голем екран што ќе може да орбитира околу нашата планета. Поради брзината на орбитирањето, некои делови од Земјината топка би можеле оваа формација да ја гледаат во траење од околу шест минути при еден прелет.

Таков екран, каков што може да се види и на промотивното видео, ќе може на ноќното небо да пренесува пораки, симболи и, што е најважно во однос на потрошувачкото општество, логоа на компании кои ќе плаќаат за реклама на орбиталниот екран на ноќното небо.

Руските претприемачи изјавија дека сé уште не знаат колку би чинело рекламирањето на т.н. Orbital Display, но очекуваат поддршка од компании и брендови чие его е, како што велат, посјајно и од Сонцето.

Текстот Русите сакаат да го „брендираат“ светското небо (ВИДЕО) е превземен од USB.mk.