Група севернокорејски хакери активно се насочени кон бизниси во САД и кон американската критична инфраструктура, се вели во извештајот на компанијата за сајбер-безбедност „Мекафи“ објавен неделава.
Од „Мекафи“ велат дека откриле хакери од Северна Кореја кои се обиделе се да инфилтрираат во речиси 80 бизниси во светот во критичните сектори, како што се финансиите, телекомуникациите, енергијата и одбраната. Таргетирани биле и владите во нападнатите земји.
„Најголемиот број од неодамнешните напади првенствено се насочени кон Германија, Турција и Обединетото Кралство, како и кон САД,“ велат од „Мекафи“.
Постојат сомнежи дека хакирањето продолжило и за време на самитот на американскиот претседател, Доналд Трамп, со Ким Јонг-ун. Се верува дека Пјонгјанг работи со некои од најсофистицираните хакерски ќелии во светот иако владата на Северна Кореја одамна негира каква било злоупотреба.
Од „Мекафи“ велат дека соработувале со владин ентитет во истрагата иако одбија да откријат за која влада станува збор. Компанијата соопшти дека операцијата за хакирање имала бројни технички врски со групата „Лазарус“, хакери од Северна Кореја за кои се верува дека стојат зад грабежите на банки насекаде во светот.
Во „Мекафи“ веруваат дека таквите дигитални форензички докази мора да бидат надополнети со традиционални докази од органите за спроведување на законот и владините агенции за да се изнесат такви тврдења. „Мекафи“ е обврзан да поднесе извештај за техничките сличности помеѓу нападите и кампањите за да им обезбеди на своите клиенти разузнавачки информации за сајбер-закани што можат да ги искористат за да се заштитат од сегашните и од идните напади“, изјави за Си-ен-ен главниот истражувач на компанијата, Раџ Самани.
Севернокорејците набрзина станаа голема сајбер-закана во последниве години. Но за разлика од другите земји, кои повеќе се фокусираат на разузнавачките операции, Севернокорејците ја насочуваат својата енергија кон готовината, вели Џон Демерс, помошник-обвинител за национална безбедност во Одделот за правда.
Минатата недела американски официјални претставници рекоа дека Вашингтон смета оти севернокорејската влада ги засилила сајбер-нападите насочени кон финансиските институции во очаен обид да се стекнат со готовина бидејќи меѓународните санкции наметнати против Пјонгјанг ја стегнаа нивната економија.
Демерс вели дека голем дел од хакирањето е мотивирано од желбата на Северна Кореја за пари.
Текстот Севернокорејски хакери ја таргетираат критичната инфраструктура на САД е превземен од USB.mk.