Siemens ќе го снабди лондонското метро со возови од над 1,5 милијарди евра

Siemens Mobility доби голема нарачка во Велика Британија од London Underground (LUL), филијала на компанијата Transport for London, која е одговорна за урбаната железница во главниот град на Велика Британија.

Според договорот, Siemens Mobility ќе дизајнира и произведе 94 воза од новата генерација за лондонското метро (Tube) во вредност од околу 1,5 милијарди евра за да ги замени сегашните вагони, кои датираат од 70-тите години. Возовите ќе се движат на линијата „Пикадили“ (Piccadilly), а испорката ќе започне во 2023 година.

„Воведувањето на нови вагони на линијата „Пикадили“ значително ќе го подобри патувањето за милиони клиенти, обезбедувајќи почести и посигурни возови во текот на следните децении. Оваа цел ќе значи замена на вагоните на линијата, кои се од 70-тите години, со нови возови, чија испорака ќе започне во 2023 година. Ова ќе помогне да се справиме со големата оптовареност на линијата, бидејќи населението на Лондон продолжува да расте“, коментира Најџел Холс, управен директор на London Underground.

Новите пространи возови на линијата „Пикадили“ се базирани на платформата Inspiro на Siemens Mobility и нудат на патниците значително подобрена удобност. Хај-тек возовите за лондонското метро се опремени со пошироки врати и подолги, проодни, целосно климатизирани вагони. Покрај тоа, вградените информациски системи ќе им помогнат на сите клиенти полесно да ги планираат патувањата.

Како дел од договорот за услугата, Siemens Mobility ќе одговара за обезбедување на резервни делови за период од пет години, почнувајќи со ставање во функција на првите возови. Компанијата исто така ќе обезбеди целосна техничка поддршка на возовите по истекот на рокот на нивната заедничка гаранција. Покрај тоа, нарачката на LUL вклучува дигитални услуги базирани на решенија на Siemens Railigent.

Текстот Siemens ќе го снабди лондонското метро со возови од над 1,5 милијарди евра е превземен од USB.mk.