Хуманоидот Софија, која лани доби државјанство во Саудиска Арабија, тргна на првата светска турнеја, а во Азербејџан доби роботска виза.
Софија ја доби визата пред средбата со азербејџанскиот претседател Илхам Алијев и стана првиот робот на светот што добил виза. Во Азербејџан гостува како еден од главните говорници на технолошка конференција.
Со претседателот на Азербејџан го отворија новиот центар ASAN со кој владата на оваа земја се отвора кон е-сервисите. Во овој центар граѓаните ќе може да регистрираат новородени, починати, брак, развод, да добијат пасош, да обноват возачка дозвола, да регистрираат компанија, да добијат бесплатна правна консултација и многу други услуги.
Софија на Алијев му рече дека ѝ е многу драго што се запознале и дека сака да ја види уникатната архитектура на неговата земја.
Софија е ѕвезда меѓу роботите и прв робот што добил државјанство. Таа е дело на познатиот инженер за роботика Дејвид Хенсон, а е дизајнирана по ликот на Одри Хепберн.
Таа предизвика контроверзи со нејзиното појавување и некои експерти за вештачка интелигенција сметаат дека е само софистицирана кукла, но не и вештачка интелигенција.
Извор: Klix.ba
Текстот Софија тргна на светска турнеја, Азербејџан издаде роботска виза (ВИДЕО) е превземен од USB.mk.