Елија Ломбардо со децении ги лови криминалците низ улиците на Неапол и други делови на Италија. За целиот тој период има акумулирано огромно искуство и архива на податоци за начинот на нивното однесување, карактеристики, навики и стратегии на обични крадци, џепароши, провалници.
Во обид сето тоа свое искуство да го канализира во корисна алатка, италијанскиот инспектор го развива програмот XLAW , кој всушност е алгоритам кој може да предвиди злосторства на улица со прецизни индикации за местото, времето, географска област и видот на сторителот и жртвата. Полицијата веќе го користела овој систем во Неапол и Прато.
Ломбардо (51 година) вели дека клучот за развивање на овој алгоритам е промената на парадигмата кога се обидуваат да ги разберат механизмите на криминалот.
„Пред да користам статистички системи, ги лоцирав областите кои се најмногу погодени од одредена форма на криминал и испраќав патроли таму. Тоа е принципот што сè уште се користи во речиси сите земји во светот”, објаснува тој и додава: „Но, резултатите во превенцијата на криминалот не беа она што го барав.“
Искусниот инспектор кој научил да програмира успеал со многу труд да креира алгоритам кој може и до 91% со точност да предвиди дали одредена пријава за криминал е лажна или не, но и да предвиди злосторства на точни места, реони и локации.
За подобри резултати од алгоритмот, тој го засилил со податоци од начинот на извршување на делата, како и одбраните места за дејствување.
„Во повеќето случаи има циклични фази на работење, како што е доаѓањето на возот или часовите за отворање и затворање на продавниците”, објаснува тој. Според него, повеќе од 85% од злосторствата извршени на одредена територија, ги имаат овие карактеристики.
Текстот Создаден алгоритам кој предвидува злосторства е превземен од USB.mk.