Истражувачите на Медицинскиот факултет на UNC покажале дека можат да навлезат во еден регион на мозокот со слаба наизменична струја и да ги подобрат природните мозочни ритмови на тој регион – со што значително ги намалиле симптомите поврзани со хронична болка во долниот дел на грбот, пренесува Science Daily.
Резултатите, објавени во Journal of Pain и презентирани на конференција за невронски мрежи во Сан Диего, укажуваат на тоа дека лекарите еден ден би можеле да таргетираат делови од мозокот со нови неинвазивни стратегии за третман, како што се транскранијална стимулација на наизменична струја или tACS. Овие методи биле користени од страна на истражувачите за да ги засилат природните мозочни бранови кои се важни при третманот на хроничната болка.
“Ние објавивме бројни трудови за стимулација на мозокот во текот на неколку години, и секогаш учиме нешто важно“, рекол професорот по психијатрија, Флавио Фролих.
“Но, ова е прв пат да ја проучуваме хроничната болка, и ова е единствениот пат кога сите три елементи на една студија совршено се вклопуваат. Успешно таргетиравме специфичен регион на мозокот, ја зголемивме или ја обновивме активноста на тој регион, и го поврзавме тоа подобрување со значителното намалување на симптомите“, додал тој.
Хроничната болка е водечка причина за хендикеп во светот, но не постои консензус меѓу научниците дека активноста на мозокот игра значителна улога за оваа состојба. Фролих вели дека полето за истражување на болка во голема мера се фокусира на периферните причини за хронична болка. На пример, доколку имате хронична болка во долниот дел на грбот, тогаш причината и решението лежат во долниот дел на грбот и поврзаните делови на нервниот систем во ‘рбетот.
Но, некои истражувачи и лекари веруваат дека хроничната болка оди многу подлабоко, и дека состојбата може да се реорганизира во зависност од тоа како клетките во нервниот систем комуницираат едни со други, вклучувајќи ги и мрежите на невроните во мозокот. Според теоријата, со текот на времето овие мрежи се заглавени во еден вид на нервни “шеми“, што во суштина стануваат причина за хроничната болка.
Текстот Стимулацијата на мозокот може да помогне при третирањето на хроничната болка е превземен од USB.mk.