Преку анализа на податоци собрани со вселенскиот телескоп „Кеплер“ на NASA, Мишел Кунимото, докторантка по астрономија при Универзитетот во Британска Колумбија, открила докази за импресивни 17 нови егзопланети – вклучувајќи и свет со прилично иста големина како Земјата најден во „зоната погодна за живеење“, регион околу ѕвезда каде што можеби постои течна вода.
– Оваа планета е оддалечена околу илјада светлосни години, па нема наскоро да стигнеме таму. Но, ова е возбудлив пронајдок бидејќи досега има само 15 мали потврдени планети во зоната погодна за живеење во податоците од „Кеплер“ – истакна Кунимото.
За да ги најде планетите, таа користела „метод на транзит“, еден од најкористените методи за ловење планети.
– Секогаш кога планета ќе помине пред ѕвезда, таа блокира дел од светлината на таа ѕвезда и предизвикува привремено намалување на светлината на ѕвездата. Преку наоѓање на овие транзити можете да почнете да ги составувате информациите за планетата, како нејзината големина и колку време е потребно да орбитира – објаснува таа.
Планетата слична на Земјата е околу 1,5 пат поголема од нашата планета и има орбита поголема од онаа на Меркур. Но, добива само околу третина од светлината што Земјата ја добива од Сонцето.
Кунимото и нејзиниот супервизор Џејми Метјус се возбудени и сакаат да откријат уште планети во зоната погодна за живеење.
Текстот Студентка открила 17 нови планети, на една може да има живот е превземен од USB.mk.