Дроновите на Intel повторно се вивнаа на небото за уште едно светлечко шоу. Овојпат компанијата со своите 300 дрона приреди шоу посветено на припадниците на ЛГБТ заедницата. Дел од шоуто беше посветено и на вработените што се дел од оваа компанија, а кои живеат во истополови бракови и врски.
Како дел од шоуто, што се одржа во кампусот на Intel во Фолсом, Калифорнија, на небото беа прикажани препознатливото знаме со боите на виножитото, како и симболите што ги претставуваат истополовите врски.
Преку ова шоу, компанијата сака да покаже дека подеднакво ги третира лицата од ЛГБТ заедницата и дека нивните семејства се исто толку битни, како и семејствата на другите вработени во Intel.
„Ние стоиме зад нашите ЛГБТ колеги, партнери, добавувачи, потрошувачи и зад целата ЛГБТ заедница, така што поддршката кон нив ја изразуваме преку зборови и преку акции“, се вели во прес соопштение од Intel за реализираното шоу со дронови.
Слични светлечки шоуа со дронови беа изведени и за време на финалето во американски фудбал, (Super Bowl), како и на отворањето на Зимските олимписки игри.
The post Светлечко шоу на Intel со 300 дронови за поддршка на ЛГБТ заедницата (ВИДЕО) appeared first on USB.mk.