Ставовите кон вештачката интелигенција се разновидни, а додека некои луѓе сметаат дека таквата технологија ќе му донесе на човештвото напредок, многумина сметаат дека би можела и да го уништи.
Најновата дебата се води во Велика Британија каде што некои експерти во вештачката интелигенција гледаат поголема опасност од глобалното затоплување, терористичките напади или отпорноста на антибиотиците.
Имено, брзиот технолошки напредок не остава многу време за носење на закони со кои што би биле ограничени, или би се вовел некаков ред на можностите кои што вештачката интелигенција ги има. Експертите предупредуваат дека ова поле не е доволно добро истражено, па дебатата за експанзијата на вештачката интелигенција станува една од најважните теми кога се зборува за иднината.
Наместо да се расправа за глобалното затоплување или за порастот на глобалната сиромаштија, експерите од различни области се повеќе се насочуваат кон вештачката интелигенција, со оглед на тоа што веруваат дека оваа технологија ќе влијае и на сите останати прашања.
Со самиот развој на вештачката интелигенција и нејзината достапност, тоа значи дека во иднина можно е многу луѓе да останат без работа и да бидат заменети од роботи кои што ќе ги извршуваат своите задачи токму со помош на вештачката интелигенција – сето тоа ќе доведе и до пораст на сиромаштијата.
После упадот на руските хакери и мешањето во американските избори во 2016-та година, се повеќе паѓа довербата на граѓаните во интернетот, па експертите предупредуваат дека доколку се развие напредна вештачка интелигенција, истата може да биде злоупотребена и од хакерите за упади во банки или енергетски системи.
Четвртата индустриска револуција е веќе тука, со оглед на тоа што роботите и вештачката интелигенција како главна нејзина точка, прилично многу напредуваа во изминатите неколку години, па многумина чувствуваат дека работите се движат премногу брзо, без одговарачки законски рамки, што е основа за се пожешки дебати на ова поле, што значи дека полека но сигурно се занемаруваат останатите големи проблеми со кои што се соочува човештвото.
Текстот Вештачката интелигенција е поголема закана од терористичките напади е превземен од USB.mk.