Во Кина почна тестирањето на руски препарат против коронавирусот

Кина ќе го тестира рускиот антивирусен лек со директно дејство триазавирин, наменет за борба против коронавирусот 2019-nCov, рече заменик-министерот за здравство на РФ Сергеј Краевој.

Тој додаде дека руските лекари засега не успеале директно да го изолираат сојот на вирусот кај заразените пациенти кои се наоѓаат во Русија со цел да го забрзаат создавањето на вакцина.

При крајот на декември кинеските власти соопштија дека во мултимилионскиот град Вухан во провинцијата Хубеи избила епидемија на пневмонија од непознато потекло. Предизвикувачкиот агенс на болеста е новиот тип коронавирус 2019-nCoV.

Според најновите податоци, повеќе од 20,6 илјади пациенти се разболеле во светот, а 427 починале. Најтешка е ситуацијата во Кина. Вирусот се прошири и во други земји, вклучително и

Русија. Светската здравствена организација поради коронавирусот 2019-nCoV прогласи вонредна состојба на глобално ниво.

Болеста се пренесува преку воздушни капки, како и со допирање на очите со валкани раце. Меѓу главните симптоми се сува кашлица, тешко дишење, сè до респираторна инсуфициенција, покачена телесна температура и слабост.

Меѓутоа во некои случаи, болеста поминува без пневмонија, придружена само со ретка сува кашлица и ниска температура, но дури и со слабо развиени симптоми, заболениот може да зарази друго лице.

Минатата недела руската влада донесе одлука да затвори делови од границата со Кина на Далечниот исток, да го ограничи преминувањето на границата со Монголија, да ги укине работните визи за кинеските граѓани, да ги евакуира Русите од провинцијата Хувеи, да ги запре сите закажани летови на руските авиокомпании кон Кина, освен летовите на „Аерофлот“ за Пекинг, Шангај и Хонгконг. Од 3 февруари „Руски железници“ го прекинаа сообраќајот со Кина.

Татјана Голикова, раководител на оперативниот штаб за борба против коронавирусот, претходно објасни кои мерки се преземаат за да се спречи ширењето на болеста. Според неа, руските стручњаци и понатаму работат на вакцина против вуханскиот синдром.

„Сакам да кажам дека нашите стручњаци работат во оваа насока и дека кинеската страна не понуди можност за користење на нејзините сознанија во доменот на вакцината и доменот на сојот на вирусот, така што од изворите што ни се достапни, и врз основа на она со што во моментов располагаме, работиме на тоа“, рече Голикова, пренесуваат руските медиуми.

Извор: Russia Beyond

Текстот Во Кина почна тестирањето на руски препарат против коронавирусот е превземен од USB.mk.