Научниците на Санктпетербуршкиот политехнички универзитет (СПбПУ) „Петар Велики“ направија пробен примерок на ракетен мотор за вселенски апарати со чија помош управуваните вселенски летови можат да траат преку десет години.
„Научниците од СПбПУ конструираа ракетен мотор за вселенски летала заснован на забрзување на јоните во новата конструкција. <…> Големата брзина на млазницата го обезбедува потребниот потисок со штедлива потрошувачка на работната супстанца. Така количината на работната супстанца ќе биде доволна за управуван лет кој може да трае десет и повеќе години“, се наведува во документот на информативната служба на СПбПУ, пренесува ТАСС.
Во таквиот мотор резервираната работна супстанца се јонизира, а електричното поле ги забрзува добиените јони така што тие достигнуваат брзина од неколку десетици километри во секунда. Потоа јоните се неутрализираат и истрелуваат во вселенскиот простор, создавајќи млазен потисок. Таквиот мотор е универзален во поглед на горивото и може да работи дури и на реголитот на Месечината или песокот на Марс. Со тоа ќе се овозможи дополнување на горивото во вселенските апарати за време на експедициите без преоптоварување на вселенскиот брод и без да се скрати нивниот престој во космосот, се истакнува во соопштението.
Според еден од авторите на овој проект, професорот на СПбПУ Олег Цибин, научниците примениле универзална технологија: се формира наелектризирана честичка и се забрзува со помош на електрично поле. „За такво нешто може да биде погоден прилично широк спектар на работни супстанции во гасовита, течна и цврста состојба. Потребните технологии можат да се моделираат и апробираат во големите вакуумски комори на Земјата“, ги наведува информативната служба зборовите на Цибин.
Универзитетот заедно со огледно-конструкторското биро „Факел“ (Калининград) и Военокосмичката академија „А. Ф. Можајски“ вршат тестирање на пробниот примерок на овој мотор во услови слични на условите на летот. Поднесени се три патентни пријави, а еден патент е веќе заштитен.
Извор: Russia Beyond
Текстот Во Русија направен ракетен мотор кој обезбедува управувани летови низ вселената е превземен од USB.mk.