На сите ни е познато колку разновиден може да биде животот на нашата планета и како некои микроорганизми можат да бидат отпорни. Така животот се појавува буквално насекаде ни планетата Земја: на ладните и темни места и во сурово опкружување.
Научниците неодамна пронајдоа уште еден организам кој ја потврдува еволуциската способност на животот да се адаптира на сите можни опкружувања, односно тие откриле океанска микроба која преживува иако вдишува арсен – хемиски елемент кој за многу други суштества е смртоносен, пишуваат од „Science Alert“.
Биолозите знаеле дека во минатото, кога на нашата планета немало толку многу кислород, постоеле такви организми, но се изненадиле од тоа што таква форма на постоење сè уште е сочувана во длабочините на океанот. Тие сметаат дека тоа всушност е добар знак, затоа што животот на океанот се чини дека може да се прилагоди на климатските промени и да „вдиши“ некој друг гас, доколку нема доволно кислород во морињата во иднина.
„Тоа што организмите користат арсен за да живеат, тоа е целосно нов вид на метаболизам во океаните“ – рекол биологот Габриела Рокап.
Научниците од училиштето во Вашингтон, ги откриле овие жилави микроорганизми во Тихиот океан на брегот на Мексико, во пределот кој се смета за аноксичен, односно без кислород. Иако претходните истражувања покажале дека некои морски суштества, доколку нема кислород во околината, живеат со помош на азот и сулфур, ова е првпат да се откриени микроби во океан кој има арсен.
Следниот чекор за научниците е одгледувањето на овие микроби во лабораториите за да може подетално да се проучи нивниот метаболизам. Овие суштества им се интересни на биолозите затоа што се прилагодиле на животот со помош на арсенот на местото каде што тоа соединение го нема во големи количини.
„Тоа што е најинтересно кај овие микроби, е дека имаат експресија на гените заради кои за да живеат користат арсен, иако се наоѓаат во околина во која што нема доволно арсен“ – рекол биологот Џеклин Саундерс која учествувала во тоа истражување.
„Тоа значи дека можеме да бараме организми кои вдишуваат арсен во околините кои не се богати со хемиски соединенија“ – објаснила таа.
Текстот Во Тихиот океан откриени се суштества кои вдишуваат арсен е превземен од USB.mk.