Сондата „Војаџер 2“, која беше лансирана во 1977 година, стана само втор објект направен од човекот кој го напуштил Сончевиот систем, објави Американската геофизичка унија од Вашингтон.
Иако „Војаџер 1“ беше лансирана 16 дена подоцна, поради побрзата траекторија, таа се најде во просторот меѓу ѕвездите шест години порано од „Војаџер 2“. Веста ја потврди и главниот научник на мисијата, професорот Едвард Стоун.
„‘Војаџер 2‘ излегол од Сончевиот систем на 5 ноември 2018 година и двете сонди сега се наоѓаат во меѓуѕвездениот простор. На тој датум, наеднаш се намалил постојаниот проток на честички емитувани од Сонцето што беа детектирани од сондата. Тоа значеше дека таа ја поминала ‘хелиопаузата‘“, појасни Стоун.
За разлика од другата сонда, „Војаџер 2“ сè уште има функционален инструмент, кој ќе го даде првиот увид во природата на овој премин кон меѓуѕвездениот простор.
Движејќи се со брзина од 54.000 километри на час, сондата моментално се наоѓа на 18 милијарди километри од Земјата, додека „Војаџер 1“ е на 22 милијарди километри.
Двете сонди ја напуштија Земјата во септември 1977 година и првичната цел им беше да ги набљудуваат Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун, што го комплетираа во 1989 година, по што продолжија да се движат подлабоко во вселената. Иако се движи со голема брзина, „Војаџер 1“ нема да допре до друга ѕвезда уште 40.000 години.
Текстот „Војаџер 2 “ по 40 години влезе во меѓуѕвездениот простор (ВИДЕО) е превземен од USB.mk.