Mercedes на своите купувачи им го понуди SUV моделот GLC F-Cell – возило со погон на водородни горивни ќелии, кое исто така има можност за дополна на батеријата преку стандарден приклучок за струја.
Освен што потребната електрична енергија за движење ја добива од водородните горивни ќелии, овој SUV има можност за надополнување на погонската батерија преку приклучок за струја, па може да се каже дека станува збор за plug-in хибриден автомобил – но без бензинска или дизел компонента во погонскиот систем.
Во хибриден режим, GLC F-Cell може да помине до 478 км, со полн резервоар 4,4 килограми водород.
Инаку, резервоарот може да се полни со водород на станица за полнење за само 3 минути, или за отприлика исто време колку што е потребно за дополна на бензин или дизел во стандардно возило. Ова претставува значајна компаративна предност во однос на чисто електричните автомобили, на кои дури и со брз полнач им е потребно најмалку 20 минути за делумно дополнување на батеријата.
Бидејќи располага со 13,5 kWh литиум-јонска батерија, Mercedes GLC F-Cell може да се вози и со празен резервоар за водород – со целосно наполнети батерии може да помине до 51 километар во чисто електричен режим.
Погонскиот систем кој го придвижува овој Mercedes SUV испорачува 211 КС (155 kW). Моторот и батериите се наоѓаат во задниот дел од возилото, а системот од водородни горивни ќелии се наоѓа во предниот дел, каде што во стандарден Mercedes GLC се наоѓа бензинскиот или дизел мотор.
Возачот на располагање има четири режими на работа: Hybrid, F-Cell, Battery и Charge. Во хибриден режим, возилото добива енергија како од водородните ќелии така и од погонската батерија. Во режимот F-Cell возилото троши само водород, додека статусот на батеријата е непроменет. Кога автомобилот е во режим Battery, GLC F-Cell се движи само на електрична енергија складирана во батериите, а системот на водородни горивни ќелии не е во употреба. Конечно, во режимот Charge, приоритет е погонската батерија да се одржува на максимално ниво со дополнување на батеријата за време на возењето.
Текстот Започна продажбата на првиот plug-in хибрид со погон на водород е превземен од USB.mk.