Проектот на кинеските научници за добивање генетски модифицирани бебиња е запрен, по бурните негативни реакции од голем број светски научни центри, соопшти одговорниот за проектот, д-р Хе Џианкуј.
Претходно, на биомедицинска конференција во Хонг Конг, тој најави дека со неговите соработници успешно ја променил ДНК-та на бебиња близначки, Лулу и Нана зачнати од ХИВ-позитивен татко, што е прв случај во историјата. Родените близначки се целосно здрави.
– Доброволците беа информирани за ризиците, и сепак, решија да се нафатат на експериментот, нагласи Хе.
Научниот тим, генетски изменил ембриони на седум двојки, при што зафатот успеал само кај една жена и таа останала бремена. Испитувањата по раѓањето покажале дека само гените на една од близначките биле успешно модификувани. Второто новороденче добило еден од двата неопходни гена и така, тоа нема имунитет кон ХИВ вирусот.
– Модификацијата е направена со цел организмот на новородените девојчиња да има природна отпорност кон ХИВ вирусот. Таква генетска мутација се појавува и природно кај луѓето, но тоа е многу ретко. Ова е голема одговорност и не го сторив за да бидам прв во оваа област, туку да го отворам патот и кон нови вакви истражувања, изјави Хе.
Неговиот матичен Јужен универзитет за наука и технологии во кинескиот град Шенжен, не знаел за работата на д-р Хе, и тој го потврди тоа.
Џулијан Савулеску, професор по етика на Оксфорд, ваквата постапка ја нарече „чудовишен експеримент“. професорот Робин Ловел-Баџ смета дека овој потфат е „типично невнимателен и несоодветен“.
– Сепак, јасно е дека ова е историја. Овие две бебиња ќе останат првите генетски модифицирани бебиња, така што ова е важна точка во историјата, изјави тој.
Текстот Запрен проектот за генетски модифицирани бебиња во Кина е превземен од USB.mk.