Животните страдаат поради туризмот на Антарктикот

Луѓето често се загрижени дека може да добијат некаква зараза од животните, но вистината е дека еднакво голема опасност претставуваме и ние за нив. Така, човечки патогени се откриени во птичјиот измет, a поради нив се разболуваат животните на Антарктикот.

Научниците откриле дека овој феномен се нарекува реверзибилна зооноза, а за првпат истата се шири на најизолираниот континент во светот. Според мислењето на експертите, последиците од оваа нова врска меѓу човечката и животинската болест најпрво може да се манифестираат кај колониите птици на Антарктикот, преку опаѓање на нивната популација.

Сè повеќе луѓе и птици доаѓаат во контакт во изолираните области поради големиот пораст на истражувачките центри и порастот на туристите. Така, научниците во фекални примероци од птици пронашле бактериски видови што се јавуваат поради труење со храна, салмонела и други гастроинтестинални заболувања, потврдувајќи го нивното мислење дека повратната зооноза веќе е распространета и во водите на Антарктикот.

„Ние често мислиме дека поларната средина е премногу студена за бактерии и дека преносот на вируси не е голема закана, но сега има јасни докази дека овие бактерии и тоа како се шират во поларните средини“, изјавил еден од научниците вклучени во истражувањето.

Ваквите наоди само покажуваат дека човечкиот отпад во иднина ќе мора да се дислоцира многу подобро, што засега е невозможно поради зголемениот број туристички локации и во најоддалечените дестинации во светот.

Текстот Животните страдаат поради туризмот на Антарктикот е превземен од USB.mk.