Зошто сондата на NASA нема да се стопи од температурата на Сонцето?

NASA конечно ќе испрати сонда чија крајна дестинација ќе биде центарот на нашиот Сончев систем. Иако нејзиното лансирање беше одложено, во наредниот период таа ќе полета кон Сонцето, но како ќе издржи без да се стопи?

Првата причина: не оди директно кон Сонцето. Ќе помине покрај Венера седумпати, а крајната дестинација ќе ѝ биде на околу 3,8 милиони километри од Сонцето. Но и покрај надворешната температура од преку 1.000 степени целзиусови, температурата на внатрешноста на сондата и нејзините инструменти ќе остане околу 30 степени целзиусови, што изгледа дури и ладно со оглед на околностите.

„Првпат лансираме вакви инструменти кон Сонцето, но и првпат добиваме технологија со која можеме да го изведеме тоа. Комбинацијата од двете работи навистина ме возбудува“, вели соларниот физичар на NASA, Мици Адамс.

Клучната технологија е термалната заштита која ја заштитува сондата, заедно со систем за ладење кој работи со помош на вода. За да се развие технологијата која стои зад термалната заштита беа потребни повеќе од 10 години. Има два слоја на карбонска заштита, која ги задржува структурните карактеристики дури и при многу високи температури. Помеѓу двата слоја има карбонска пена, материјал кој е составен примарно од воздух и поради тоа не задржува топлина. На надворешната страна има материјал составен од алуминиумски оксид кој е бел по боја и поради тоа не привлекува топлина.

Околината која го опкружува Сонцето е значајно потопла од самата негова површина, што предизвикува многу прашања кај научниците кои пробуваат да откријат зошто е тоа така.

„Знаеме дека тоа се случува поради магнетното поле кое ја спојува површината на Сонцето со неговата атмосфера, но и понатаму учиме како енергијата излегува од магнетното поле. Тоа е една од главните мистерии на Сонцето и соларната физика“, вели Алфонс Стерлинг, соларен физичар во NASА.

 

 

Текстот Зошто сондата на NASA нема да се стопи од температурата на Сонцето? е превземен од USB.mk.