29 години од рушењето на Берлинскиот ѕид: Приказната за двете Германии

На денешен ден пред 29 години е срушен Берлинскиот ѕид. По победата над нацистичка Германија, земјите сојузници ја поделиле Германија и главниот град Берлин на четири зони, американска, британска, француска и советска.

Германскиот регион, кој тогаш паднал под контрола на САД, Велика Британија и Франција, се обединил во мај 1949 година, со што била формирана Сојузна Република Германија, односно Западна Германија.

Западна Германија со поддршка на земјите сојузници во наредниот период се развивала во контекст на слободната пазарна економија и демократската структура.

Од Источна Германија, чија економија и политичка структура се темелеле на советскиот социјалистички систем, десетина илјади луѓе избегале во Западна Германија.

Се претпоставува дека од 1949 година до 1961 година од Источна Германија во Западна Германија побегнале повеќе од три милиони луѓе. За да се спречат масовните бегства, Источна Германија на 12 август 1961 година тајно донела одлука границата во Берлин да биде затворена. Поради тоа што бодликавата жица не ги давала посакуваните резултати, во ноќта на 17 август 1961 година почнала изградбата на Берлинскиот ѕид.

Ѕидот бил висок 4,6 метри, а низ Берлин се протегал 44 километри. Некогашниот американски претседател Роналд Реган при посета на Западен Берлин во 1987 година упатил повик до тогашниот руски лидер Михаил Горбачов  ѕидот да биде срушен во најбрз можен рок.

Долгогодишниот владетел на Германска Демократска Република, Ерих Хонекер, во јануари 1989 година јавно давал прогнози дека Берлинскиот ѕид ќе стои уште 50 до 100 години, но настаните кои следеле во иднина го демантирале.

Во септември избиле демонстрации ширум Источна Германија. Најлошото сценарио се случило на 4 ноември, откако половина милион демонстранти го окупирале плоштадот „Александарплац“ во Источен Берлин.

Веќе на 9 ноември луѓето самоиницијативно почнале да рушат делови од ѕидот, а на 13 ноември источногерманската војска почнала со организирано отстранување на некои делови. Ѕидот ги раздвојувал двата дела од земјата точно 10,315 денови. На државјаните на Германска Демократска Република подоцна им било овозможено да преминат во Источен Берлин.

Официјалното обединување на Германија се случило на 3 октомври 1990 година. Ѕидот бил и олицетворение на Студената војна па со тоа и самото рушење  означило почеток на ослободувањето од комунистичката идеологија и нејзината структура.

Источногерманскиот лидер Гинтер Шабовски ги запознал новинарите со најновите одлуки на режимот, но не ја открил информацијата за отворањето на границите. Одговарајќи на новинарско прашување, Шабовски на глас го читал документот во кој пишувало дека сите визи за патување и иселување од земјата ќе се издаваат без никакви услови.


Текстот 29 години од рушењето на Берлинскиот ѕид: Приказната за двете Германии е превземен од Reporter.mk.