– Дури 170.000 осигуреници ќе бидат пренасочени кон подалечните аптеки што за нив ќе значи губење повеќе време и малтретирање, особено кога се работи за акутни состојби. Со оваа мерка лицата со акутни заболувања ќе бидат најоштетени – предупредуваат дел од аптеките на кои ќе им бидат намалени квотите со лекови
Но еве што велат, засега неофицијално, оние аптеки кои се директно засегнати од кастрењето на месечните квоти со лекови. Тие бараат да остане досегашната или да се зголеми распределбата на средствата за лекови на рецепт, а не кај одредени аптеки драстично да се намалува месечниот износ за лекови.
Оттаму нагласуваат дека дури 170.000 осигуреници ќе бидат пренасочени кон подалечните аптеки што за нив ќе значи губење повеќе време и малтретирање, особено кога се работи за акутни состојби.
– Со оваа мерка лицата со акутни заболувања ќе бидат најоштетени, бидејќи ќе бидат изложени на неизвесност дали ќе го добијат бараниот лек, за што ќе мора да потрошат повеќе време. Намалените квоти помалку ќе ги почувствуваат лицата со хронични заболувања, кои ќе бидат повеќе во можност да шетаат од аптека до аптека, бидејќи нивната потреба од лек не е акутна. Значи, околу 170.000 лица дополнително ќе трошат најмалку половина час барајќи лек на рецепт во аптеките, а тоа се 80.000 непотребно изгубени часови и плус што се изложени на ризик во случај на акутни потреби кога им е неопходен антибиотик, лек против зголемена температура, антикоагуланс и слично. Дополнително прашање е што ако се анализираат резултатите, ќе се види дека во многу аптеки фондовската роба не беше докрај искористувана, а што е резулатат на веќе издиференциран однос меѓу понудата и потрошувачката. Значи дека пациентите кои досега ги земале лековите од најблиските аптеки, бидејќи квотите ќе бидат намалени, граѓаните ќе мора да се пренасочат и подалеку да одат за да го земат лекот на рецепт – нагласуваат од оваа компанија.
Оттаму посочуваат и на друг можен проблем – дека може да се случи многу од помалите аптеки да набавуваат скапи лекови, бидејќи нивната услуга се наградува како маржа.
– На пример, со квота од 100.000 денари ќе набават 10 скапи лекови и ќе немаат потреба да издаваат поевтини лекови, бидејќи ќе го остварат истиот приход, а постои опасност дека тие нема да издаваат околу 500 од најчестите и најбарани лекови, кои дел од граѓаните ќе мора да ги купат приватно – велат засегнатите.
Од Фондот, пак, со став дека со новите квоти аптеките нема да се стимулираат да набавуваат и да издаваат скапи лекови, бидејќи ќе се смени досегашниот начин на наградување. По осигуреник аптеките ќе добиваат 90 денари во подрачна единица.
Од фармацевтската компанија додаваат дека оваа предлог мерка за новите квоти, која е веќе спакувана и се очекува да почне да се применува од јануари в година, освен врз пациентите, може да се одрази и директно врз вработените во аптеките.
– Новите фондовски квоти, наместо засилување со лекови на нашите рафтови и придобивки за пациентите, во пракса ќе значи граѓаните повторно да ги шетаат аптеките, барајќи каде квотата не е потрошена. Или, што е уште полоша варијанта, лекот кој им следува на рецепт со минимална доплата и партиципација, да мора да го купат на приватно. Мерката ќе се одрази, за жал, и директно на нашето работење, бидејќи ако остане вака, ќе бидеме принудени дури и да отпушиме дел од вработените, бидејќи со намалување на квотите, ќе се намали и обемот на работа – предупредуваат од оваа фармацевтска компанија.
Текстот Аптеките реагираат: Лекови на рецепт ќе нема и по 5ти во месецот со новиот „рецепт“ за прераспределба на квотите е превземен од Reporter.mk.