Брза диета со домати -одлична за пред одмор

Свеж, готвен или цеден, доматот е одлична намирница која покрај останатото, може да ви помогне и да се ослободите од вишокот килограми. Имено, оваа диета е строга затоа што со секој оброк треба да консумирате домати, и тоа во поголемо количество од вообичаено.

Можете да јадете свежи и готвени домати (пире и сок). Причината е тоа што свежиот домат е богат со витамин Ц кој најчесто исчезнува при термичката обработка.

Но, готвените домати содржат состојки кои се одлични во борбата против слободните радикали. Па доколку сакате за краток период да намалите некој килограм, пробајте ја оваа одлична диета.

 

Прв ден

Појадок:

 

3 парчиња двопек од црн леб со маргарин и лажичка мед;

Чај или кафе без шеќер.

 

Ручек:

 

Голема салата со домати и сирење

Состојки и начин на подготовка: 150 грама немасно дробено сирење, 350 грама свеж домат, 1 лажица маслиново масло, 1/2 лажичка зачин по вкус (босилек или оригано).

 

Добро измешајте ги состојките. Пред консумирање, оставете ја салатата 15-тина минути во фрижидер.

 

Ужина:

1 нектарина или јаболко

Вечера:

Тестенини во сос од домати

Состојки и начин на подготовка: Исечете и пропржете два моркови на малку маслиново масло. Додајте 50 милилитри сок од домати и пржете уште 5 минути.

Додајте 400 грама ситно исечкан домат, додајте сол, бибер и една лажичка павлака. Гответе 10-тина минути на тивок оган. Сосот ставете го на свежо подготвени тестенини. Количината суви тестенини е 60 грама.

 

Втор ден

Појадок

Измешајте 200 грама полумасен јогурт со лажица мед и додајте две лажици овесни снегулки.

 

Ручек

Грчка салата

Состојки и начин на подготовка: Исечете го кромидот на парчиња, додајте два домати и краставица исечени на поголеми парчиња, две лажички лимонов сок, лажичка маслиново масло, сол, бибер, малку мајчина душица и 2-3 црни маслинки. Добро помешајте ги состојките и оставете ја салатата да отстои 10-тина минути.

 

Ужина

Парче овошје или шолја кафе со 2-3 интегрални кекси

 

Вечера

Супа од домати со ослич и ориз

Состојки и начин на подготовка: Пропржете две главици кромид на малку масло. Додајте два големи домати исечени на парчиња и 2,5 децилитри супа од зеленчук.

Гответе на тивок оган околу 10 минути. Процедете ја смесата и додајте бибер, малку шеќер, 125 грама ориз и печено филе од ослич. Украсете со лажичка кисела павлака.

 

Трет ден

Појадок

Интегрално печиво со две лажици полумасно сирење и печиво со мед

Состојки и начин на подготовка: На едната половина од печивото ставете сирење, парче домат и исечкан млад кромид, а другата половина премачкајте ја со мед.

 

Ручек

Тортилја полнета со домати и печурки

Состојки и начин на подготовка: Исечкајте 300 грама домати и 100 грама печурки на поголеми парчиња. Измешајте 2 јајца, 4 лажици минерална вода, сол и бибер.

Печурките и доматот ставете ги на загреана тава со малку масло, потоа ставете ги јајцата и гответе на тивок оган. Сервирајте го оброкот топол или ладен на две интегрални тортилји.

 

Ужина

Два моркова исечени на половина и завиткани со 30 грама мисиркина шунка.

1 dl сок од домати

Вечера

Месо со домати

Состојки и начин на подготовка: Испечете 125 грама говедски шницли во сад без масло и зачинете по вкус. Пропржете половина главица кромид на малку маслиново масло.

Додајте 400 грама домат исечен на коцки и малку мајчина душица и пржете на тивок оган неколку минути. Комплетирајте го оброкот со двопек од интегрален леб.

 

Четврти ден

Појадок

Две парчиња двопек намачкани со една лажица крем сирење и едно парче шунка

2 dl свеж сок од домати

 

Ручек

 

Ладна гаспачо супа

Состојки и начин на подготовка: Измешајте 500 грама готвен домат, пиперка и поголема краставица и додајте лажица маслиново масло, кромид и две издробени парчиња двопек. Додајте сол и бибер и изладете пред сервирање.

 

Ужина

 

Парче леб со сусам, парче чадено мисиркино месо и домат исечен на дебели парчиња.

 

Вечера

Ориз со домати

Состојки и начин на подготовка: Исечете го врвот на два домати, издлабете ги и ставете ги во огноотпорен сад. Смесата за полнење направете ја од 50 грама полумасно сирење и 125 грама готвен ориз, малку босилек, домат исечен на коцки и кромид.

 

Наполнете ги доматите, посипете ги со сирење и печете 15 минути во загреана рерна.

 

Петти ден

Појадок

2 dl сок од домат (готвен)

2 парчиња двопек со тенок слој топено сирење и парчиња домати

 

Ручек

Италијанска салата

Состојки и начин на подготовка: Исечете парче леб на коцки, додајте 400 грама домати и малку зелена салата. Прелијте со две лажици маслиново масло и оцет и додајте сол и бибер.

 

Ужина

Исечете киви и јаболка на коцки и измешајте ги со неколку капки мед. Додајте неколку листови свежо нане.

 

Вечера

„Рататуи“

Состојки и начин на подготовка: Исечете 200 грама компири на коцки, 4 моркови, 2 парчиња праз, 100 грама печурки и 3 стапчиња целер. Исечкајте две главици кромид и две чешниња лук, загрејте две мали лажички масло и додајте ги зеленчукот и компирот. Додајте сол и бибер и малку оригано.

Додајте 100 милилитри супа од зеленчук и гответе ја смесата 10-тина минути. Додајте една шолја готвен домат и гответе на тивок оган 15 минути.

Дополнителни совети

Доколку почувствувате глад помеѓу оброците, слободно консумирајте 2 децилитри сок од домати (свеж или готвен).

Постојат наоди кои покажуваат дека сокот од домати дополнително ги согорува масните наслаги ако во него додадете прстофат бибер.

Текстот Брза диета со домати -одлична за пред одмор е превземен од Reporter.mk.