Буш сака европска Македонија, ги повика граѓаните да гласаат ЗА

Поранешниот претседател на САД Џорџ Буш со писмо ги повика граѓаните на Македонија да излезат на референдум и да гласаат ЗA договорот со Грција и со тоа да си обезбедат влез во Европската унија и НАТО.

„Соединетите Американски Држави се ваши постојани пријатели. Американскиот народ се воодушевува на вашето мирно одвојување од пепелот од поранешна Југославија“, почнува Буш во писмото во кое потсетува дека САД во 2004 година ја призна Република Македонија под уставното име.

Потоа Буш потсети на својата средба со покојниот претседател на Македонија Борис Трајковски, кој го нарече драг пријател.

„Најголемиот сојуз за слобода во историјата, чува место за државата која ја сакате и јас се радувам на денот кога САД гордо ќе ја поздрави Република Северна Македонија како свој најнов сојузник и 30 членка на НАТО“, заклучува Џорџ Буш во писмото.

„Договорот од Преспа, кој треба многу брзо да се ратификува, е храбар и чесен компромис. Тој ќе ја постави Македонија на вистинскиот курс кон Европската унија и НАТО. Македонија ја чека светла иднина, која ја посакуваше и самиот претседател Трајковски“, наведува Буш и ги повика граѓаните на Македонија да учествуваат во оваа историска одлука.

Текстот Буш сака европска Македонија, ги повика граѓаните да гласаат ЗА е превземен од Reporter.mk.