Цел свет го спасува шпанскиот клуб Мурсија од банкрот

Шпанскиот тим Реал Мурсија стана пример за оној најубав дел од фудбалот и спортот. Тимот успеа да ги обедини навивачите ширум светот во намерата да го спасат од целосно уништување.

Од сезона во сезона, голем број на европски клубови пропаѓаат поради финансики причини. Оваа судбина го снајде и тимот Мурсија, кој во рок од една деценија од клуб во Примера стигна до просјачки стап.

На клубот му се случува целосен банкрот во сезоната во која прославува 100 години постоење. Ситуацијата станала толку ужасна што играчите од клубот, кој има стадион со капацитет од 32.000 места, се плашат дека нема каде да живеат. Полицијата ги исфрла од становите кои клубот повеќе не е во состојба да ги плаќа. Тие не добиваат плата, а на тренинзите работат со издишани топки.

Дури и кога имаат топки, условите во кои тренираат не се нормални. Работниците кои го одржуваат теренот ретко го средуваат затоа што никој не ги плаќа за тоа, пренесува ESPN.

Еден викенд откако се вратиле од две гостување, во рок од три дена, по 16 часови патување со автобус, не можеле да се истушираат, затоа што во соблекувалните немало ниту вода ниту струја. Не работеле ниту медицинските апарати, па лекарите не можеле да им помогнат на играчите во случај на некоја потешка повреда.

Челниците на клубот ги убедиле играчите дека редовно ги плаќаат сите даноци, но не им било јасно дека сето тоа било залудно, затоа што во клупските простории било исклучено речиси се. Поради тоа фудбалерите во октомври во договор со навивачите, јавно протестирале седејќи на теренот свртени кон свечената ложа и претседателот на клубот во првите 30 секунди од мечот против Талавера.

„Не лажат на секој чекор. Трпевме, молчевме, но повеќе не можеме. Терените се уништени, играчите имаат проблем со здравјето, а никој не може да им помогне. Се обидуваме да играме со чиста глава, но тоа не е можно. Постојано не лажат, сите. Тоа се лажговци и арамии. Ова е срамота“, изјавил дефанзивецот Чарли, откривајќи дека ниту еден играч не добил ниту еден цент за оваа сезона.

Дополнителен проблем е што никој не знае кој всушност е сопственик на клубот. Пред три години, кога клубот исто така бил на работ на банкрот, го купил бизнисменот Раул Моро.

Тој го продал на Мексиканецот Маурисио де ла Вега, но кога стигнал да го превземе клубот, Моро тврдел дека тој и понатаму е сопственк. Моро набрзо потоа го продал клубот на сегашниот претседател Виктор Галвесо.

Тогаш почнала правната битка за сопствеништвото, а клубот одлучил легитимен сопственик да биде Де ла Вега, иако Галвес бил тој кој го водел клубот.

Де ла Вега летово ветил дека ќе ги пдомири сите клубски долгови, само ако Галвес отстапи, но тој тоа не го направил. Де ла Вега го обвинил Галвес дека сака да го згасне клубот, дека Галвес пак неодамна изјавил дека клубот  е негов и дека тоа ќе го направи на крајот на ноември.

Во меѓувреме, клубот го превземале млади и амбициозни локални експерти, кои во соработка со навивачите и играчите се обидуваат да му овозможат нормално да функционира.

Тоа за многумина ја поправило атмосферата во соблекувалната, па и покрај сите проблеми, Мурсија по 13 кола е седма на табелата. Четвртата позиција која води во бараж за втората лига им бега за четири бода. Позицијата би била подобра ако Мурсија оствареше триумф во еден од последните четири меча.

Новите челници немаат намера да се задржуваат во клубот, но тврдат дека сакаат да го вратат на нозе и да спречат банкрот. Предложиле и продажба на акциите на клубот со цел да го спасат.

Челниците поставиле цена од 0,122 ева, а кој ќе купел најмалку 400 акции, односно ќе вложел околу 50 евра, ќе добиел место во Извршниот одбор.

Навивачите почнале да ги продаваат клупските реквизити и парите почнале да ги вложуваат во купување на акциите. Исто така почнале со јавна промоција на кампања. Целата оваа акција за многу краток период се раширила низ цела Шпанија, па потоа низ Европа, а потоа и низ целиот свет.

Навивачите од сите краишта на Пиринеја и „Стариот континент“ се вклучиле и почнале да купуваат акции од клубот Мурсија. Досега се продадени 3,5 милиони акции, а на клубот тоа му донеле 400.000 евра, што му овозможило на клубот да функционира барем во одреден временски период.

Играчите добиле дел од долгот, но тоа и понатаму останува мизерно во однос на дури 53. те милиони евра, колку што е во минус Мурсија. Сепак ниту еден фудбалер сеуште не го напуштил клубот, нешто поради кое навивачите и понатаму му помагаат.

На Мурсија им помагаат и клубови од Италија и Англија. Исто така Рома ги повикла навивачите да ги купуваат акциите, па многу брзо повеќе од 600 од нив стекнале акции од шпанскиот клуб.

Како нови ко-сопственици се јавиле и луѓе од Њуксл, Турција, Молдавија, Црна Гора, па дури и од Јужна Америка и Карибите, како Парагвај, Куба и Хондурас.

Целиот свет му помага на клубот Мурсија, а ако сакате ѝ вие да бидете акционер во Мурсија, тоа можете да го направите на следниот линк.

Текстот Цел свет го спасува шпанскиот клуб Мурсија од банкрот е превземен од Reporter.mk.