Првиот скопски летен фестивал „Самерленд“, кој почна со настап на бендот „Нокаут“ на 4 јули, и за наредните неколку дена подготвува интересни содржини за посетителите во Градскиот парк – кино на отворено, концерти, журки, фан-зона и друго.
Фестивалската забава ќе продолжи денес со хип-хоп сет на диџеј Мац. Во вторник во рамки на фестивалот првпат во Скопје ќе биде организирана голема дружба со миленици, а има за цел да ги едуцира граѓаните околу вдомувањето и чувањето миленик, но и да им се помогне на бездомните животни.
Во наредните денови, на Школка ќе се игра и првата хип-хоп претстава во регионот „Црнила ремикс“. Во летното кино на отворено, во соработка со МКЦ, граѓаните ќе може да ги погледнат македонските филмови „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ и „Џган“.
Од музичките настани, следуваат настапите на „Амон Мра“, „Летечки пекинезери“, проектот The Music Room, „Културно-уметнички работници“, а в сабота гостува сараевската група „Црвена јабука“.
Секојдневно на „Самерленд” ќе има и спортски, забавни и едукативни активности како вежбање аеробик, зумба и кросфит, часови по латино и хип-хоп танцување, хуманитарно готвење за бездомните лица, изложби на отворено, цртање во живо, детски работилници и програма за деца. Во детското катче децата ќе можат да се дружат со Џи-Пи и Стефонатор, Војо Иванов, а ќе биде организирана и бесплатна посета на Зоолошката градина, каде што можат да ја погледнат претставата „Хакуна Матата во Зоо парк“.
Секој што сака да донира, во соработка со „Нула отпад“ може да донесе празни батерии и ситен електронски отпад. Наместо со пари, на одреден дел од штандовите со празни батерии ќе може да се купи пијалак.
Фестивалот е под покровителство на Град Скопје и ќе траe до 29 јули.
Текстот „Црвена јабука“ на „Самерленд“ во Скопје е превземен од Reporter.mk.