Мулен руж, најпознатото кабаре во Париз, препознаттливо по своите кан-кан танчарки и костими од пердуви од ној, денеска слави 130 години од моментот кога првпат се отвори за посетителите.
Главниот настан на репертоарот на Мулен руж сега е „Фери шоу“, во кое учествуваат 60 изведувачи од 14 земји. Но, зад сцената има една сосема друга кореографија што 600.000 гости, кои ја гледаат претставата секоја година, не можат да ја видат. Тоа е софистицирана машинерија за промена на костими и сценографија, неопходна за претставата да изгледа собвршено.
„Целиот тим, вклучително танчари, асистенти и техничари, мора да бидат многу организирани. Поради мала грешка или доцнење може да го пропуштите излегувањето на сцена. Мора секогаш да бидете на вистинското место во вистинското време“, вели Клодин ван дер Берг, 27-годишна танчарка од Ирска, која настапува во Мулен руж веќе седум години.
Секоја изведба танчарите менуваат по 10 до 15 костуми, а за тоа имаат 90 секунди. Секој костум е сошиен во кројачниците што со децении работат за Мулен руж.
Претставите во Мулен руж се продолжение на традицијата што започна со отворањето на кабарето на 6 октомври 1889 година, кога жените, кои преку ден заработувале перејќи алишта, навечер се претворале во танчарки. Една од нив е Ла Гуле (алчна), насликана од познатиот Анри де Тулуз-Лотрек на еден од постерите за Мулен руж, додека отстрана ја гледа нејзиниот партнер Валентин Без Коски.
Во тоа време, во Мулен руж настапувале танчарки со необични уметнички имиња, како што се Нина Нозе Во Воздух, Златната Рајон и Скакулец. Денес, на сцената играат Олга, Јасмин, Клодин или Есмералда.
За Олга Кохолова од Казахстан, која веќе 12 години настапува во Мулен руж, духот на кабарето е безвременски.
„Го сакам адреналинот на сцената. Мулен руж е волшебно место каде што ја искажувам својата страст. Кога сум на сцената, знам дека сум наследник на познатите танчарки кои 130 години го создаваа Мулен руж“, вели таа.
Мулен руж се наоѓа на Монмартр, познатиот боемски дел на Париз, а на покривот има голема имитација на црвена ветерница, што е и значењето на името на кабарето. Во ентериерот и денес преовладува ретро-декор од 19 век, давајќи му на локалот боемски изглед.
Многу познати уметници како Жозефина Бејкер, Френк Синатра и Едит Пјаф настапувале во Мулен руж.
Текстот Дење домаќинки, ноќе танчерки во кабаре – Мулен руж слави 130 години е превземен од Reporter.mk.