Основачот и директор на „Амазон“, Џеф Безос вели дека во блиска иднина планира да ја колонизира вселената, почнувајќи од Месечината. Безос на конференција за новинари во Вашингтон вели дека првиот чекор која планира неговата компанија да го направи е да се изгради пат на Месечината, пренесува ABC news.
Милијардерот вели дека не знае како колониите ќе бидат градени, но објаснува дека неговата компанија Blue Origin, ќе биде предводник во овој проект. Клучот е во изградбата на структурата на Blue Moon. Се работи за нов модел на лунарно летало, опременето со најсовремени технолошки алатки. Во план е да слета на Месечината до 2024 година.
Леталото без екипаж, Blue Moon, ќе ги носи научните инструменти, сателити и возила на непристапниот терен, пренесува „Би-Би-Си“. Станува збор за нов ракетен мотор наречен BE-7, кој ќе има потисок за 4535 килограми.
„Време е за враќање на Месечината, но овој пат и за останување на неа“, изјавил Безос, говорејќи за целите на неговата истражувачка компанија Blue Origin.
Целта е Blue Moon да слета на јужниот пол на Месечината каде има кратери и каде се пронајдени парчиња мраз. Водата од тој лед би можела да се искористи за да се произведе водород, кој потоа би можел да го подигне вселенскиот брод за понатамошните мисии ширум соларниот систем.
Администрацијата на Трамп, во март најави враќање на американските астронаути на Месечината до крајот на 2024 година. Според зборовите на Безос, Blue Origin ќе биде во можност да го исполни рокот на администрацијата на американскиот претседател, но само затоа што компанијата почнала со работа на лунарното летало во 2016 година.
Безос сака да го подобри пристапот на Месечината, затоа што има широка визија за иднината, во која луѓето ќе можат да живеат и работат во вселената, нешто што денеска не е возможно.
Текстот Џеф Безос планира да ја колонизира вселената е превземен од Reporter.mk.