Филмот „Пиху“ на „Нетфликс“ медиумите го прогласија за кошмар на секој родител. И гледачите се согласија дека станува збор за најстресниот филм што некогаш го гледале, особено заради фактот дека е базиран на вистинска приказна. Режисер на филмот е Индиецот Винод Капри.
Филмот ја го опишува животот на двегодишната Пиху, девојче чиј татко заминал на пат. Мајка ѝ ненадејно умира, а таа останува заробена во станот со телото на мајка си. Она што за нас е нормална средина во домот, за Пиху одеднаш станува место преполно со смртоносни замки. Уште во самиот трејлер се гледа како девојчето се доведува во опасни ситуации, на пример, кога се затвора во фрижидер или кога ја пали храната обидувајќи се да ја загрее во микробрановата печка.
Индискиот режисер рекол дека за филмот го инспирирала вистинска приказна за дете кое во 2014 година во Њу Делхи останало заробено во станот со неговите мртви родители.
„Можев да ја раскажам приказната од перспектива на родителот, но одлучив да ја раскажам онака како што ја доживувала Пиху. Не беше лесно бидејќи не можете да натерате толку мало дете да глуми. Ги поставив камерите по цел стан и ја оставив да се однесува природно. Со неа поминав два месеца, станав дел од семејството“, раскажал режисерот.
Девојчето што ја глуми Пиху е Мира Вишвакарма. Улогата ја добила без аудиција, а режисерот првпат ја видел на детски роденден и веднаш решил дека ќе ја ангажира. Кога почнало снимањето, Мира имала само 29 месеци.
Текстот Филм на „Нетфликс“ базиран на вистинска приказна е прогласен за најстресен е превземен од Reporter.mk.