(Фото) Фризерка од Прилеп направи портрет од коса со ликот на Тоше

Светлана Зуљамоска-Гроздановска, фризерка и шминкерка од Прилеп, направи портрет од коса со ликот на починатата ѕвезда Тоше Проески. Таа сликата од уникатниот лик ја објави на „Фејсбук“ и откри дека решила да направи портрет на поп-пејачот по повод 5 октомври, денот кога Тоше го одржа последниот стадион на Градски стадион во Скопје.

Светлана веќе неколку години изработува портрети од коса. Ги прави навечер, кога ќе ѝ заврши работното време, а следното утро ги растура пред да дојдат првите муштерии. Таа најчесто прави портрети од познати личности, па претходно ги направи Кире Лазаров, Игор Џамбазов, Лила Филиповска и многу други. Светлана гледа во нивните слики, па со косата што останува на земјата откако ќе ги потстриже муштериите во салонот, го прави ликот.

„Портретите ги изработувам откако ќе ми заврши работното време. Потребни ми се 3 до 4 часа да изработам еден лик, а откако ќе ги направам, следното утро ги растурам пред да дојдат муштериите. Затоа малкумина ги гледаат во живо, само преку ‘Фејсбук’ и ‘Инстаграм’“, раскажа неодамна за „Репортер“.

 

Текстот (Фото) Фризерка од Прилеп направи портрет од коса со ликот на Тоше е превземен од Reporter.mk.