(Фото) Монт Еверест се претворил во депонија

Повеќе од три тони ѓубре и најмалку четири трупа се пронајдени на Монт Еверест од средината на април, а службите се сомневаат дека оваа бројка ќе се зголемува. Од таму велат дека највисокиот врв на светот се претворил во депонија.

Во текот на големата акција, која почнала на 14 април во Непал, меѓу ѓубрето се пронајдени и неколку тела во распаѓање. Во тимот имало 14 волонтери, а целта им е да ги тргнат 10 тони ѓубре за 45 дена.

Се собираат конзерви, шишиња, пластика и отфрлена опрема за качување. Активиран е и хеликоптер, со кој се транспортира ѓубрето. Владата во Непал и локалните заедници долго време се борат со проблемот со ѓубрето на Монт Еверест, затоа што луѓето од целиот свет доаѓаат за да се обидат да стигнат до врвот.

Редовното чистење се одржува од 2011 година, но зголемениот број на посетители има огромно влијание на чувствителноста на околината на планината. Владата во 2014 година вовела депозит за планинарите кои на враќање од планината ќе донесат осум килограми ѓубре.

Кина од друга страна го забрани пристапот на оние кои не планинарат за да ја намали количината на отпад. Климатските промени кои влијаат на брзото топење на снегот им задаваат потешкотии на волонтерите кои чистат. Тие велат дека се почесто забележуваат човечки трупови.

Од 1922 година на Монт Еверест настрадале повеќе од 200 планинари. Повеќето тела веројатно биле затрупани под глечерите или снегот.

 

Текстот (Фото) Монт Еверест се претворил во депонија е превземен од Reporter.mk.