Американскиот претседател Доналд Трамп по одбивањето на данските власти да му го продадат островот Гренланд, се пошегува на „Твитер“, дека нема намера да гради згради на тоа место. Тој објави монтирана фотографија од едно мало село на Гренланд, со дрвени куќи, зад кои се издигнува голема кула со неговото име.
„Ветувам дека ова нема да му го направам на Гренланд“, напишал Трамп на фотографијата.
Американскиот претседател пред два дена ја коментираше идејата за купување на островот Гренланд од Данска. Изјавил дека тоа не е приоритет на неговата администрација, но дека стратешки е интересна идејата за да се разгледа.
Трамп смета дека Гренланд претставува економски терет за Данска, која, како што вели, поради Гренланд губи речиси 700 милиони долари годишно, па почнал да размислува за купување на тој остров.
Потоа се огласи и премиерката на Данска Мете Фредериксен, порачувајќи дека Гренланд не е на продажба, а дека идејата за негова продажба е апсурдна.
„Гренланд не е на продажба. Гренланд му припаѓа на Гренланд. Искрено се надевам дека не мислел сериозно“, изјавила Фредериксен, за весникот Сермитсиак, по посетата на островот, кој е во состав на Кралството Данска.
Трамп наредниот месец ќе замине во посета на Копенхаген на почетокот на наредниот месец, а на состанокот меѓу останатото е планирано да се разговара и за Арктикот. Гренланд е леден остров во составот на Кралството Данска, со површина од 2.166.086 квадратни километри.
Текстот (Фото) Откако не му дадоа да го купи Гренланд, Трамп се шегува на „Твитер“ е превземен од Reporter.mk.