Една од последните њујоршки резиденции од златното време на Америка се најде на продажба за 50 милиони долари. Недвижноста е огласена од страна на агенцијата за недвижност „Даглас Елиман“.
Градската куќа на Петтата авенија со број 854 на Апер Ист Сајд на Менхетен е изградена во 1905 година, а ја проектирала истата фирма што ја изградила познатата станица Гранд Централ. Има 32 соби, осум бањи и два лифта, пишува „Дејли мејл“.
Додека била во сопственост на семејството Вандербилт, во неа ништо не било променето, сè додека истата не станала сопственост на поранешната држава СФРЈ, која ја купила во 1964 година, веднаш по Втората светска војна.
Во пентхаусот со површина од околу 1800 квадратни метри биле монтирани прозорци со поглед кон Централ парк што биле отпорни на куршуми, а последниот кат е осигуран од прислушкување.
Во текот на студената војна југословенскиот водач Јосип Броз Тито се сокрил во неа по неуспешниот обид за атентат. Тој во 1963 година бил во посета на Америка на покана на Џон Кенеди, вели Тристан Харпер од агенцијата „Даглас Елиман“.
Зградата е изградена во 1905 година, за њујоршкиот брокер Роберт Ливингстон Бекман, кој подоцна станал гувернер на Роуд Ајленд, за 60 000 долари.
Скалите и подовите се обложени со бел мермер, а таванот бил пособно украсен, додека на ѕидовите имало мурали. Оградата од скалите е изградена од ковано железо, а дрвените рамки наводно се донесени од Франција и потекнуваат од еден дворец.
Зградата се градела во време кога се создавале голем број богати американски династии, па своите домови ги граделе по урнек на француските дворци.
Босна, Хрватска, Македонија, Србија и Словенија имаат портфолио од 50 недвижности ширум светот, кои имаат намера да ги продадат, но само четири, вклучувајќи ја и оваа во Петтата авенија, во моментов се наоѓаат на пазарот. Голем проблем било државите да се согласат околу условите за продажба.
Иако милијардерот Џошуа Харис понудил 50 милиони долари, државите сепак не можеле да се одлучат на продажба. Споменатиот милијардер подоцна купил вила на друга локација.
Текстот (Фото) Се продава пентхаусот на Тито во Њујорк за 50 милиони долари е превземен од Reporter.mk.