Францускиот министер за природна средина, Франсоа де Ружи, близок соработник на претседателот Емануел Макрон, поднесе оставка откако се дозна дека плаќал скапи вечери од државни пари и дека направил злоупотреба на субвенционирани станови, пишува порталот „Медијапарт“.
Де Ружи беше назначен за министер во септември 2018 година.
„Нападот и линчот на медиумите кон моето семејство ме принудија на неопходен чекор назад“, рекол Де Ружи, кој беше и државен министер, односно втор човек во владата, веднаш по премиерот Едуардо Филип.
Порталот „Медијапарт“ објави фотографии од Де Ружи и неговата сопруга, која е новинарка, како уживаат во скапа вечера со скапо вино и јастози во време додека тој бил претседател на парламентот. Порталот тврди дека вечерата била приватна, а поранешниот министер се брани дека вечерата била во рамките на неговата работа во Националното собрание. „Медијапарт“ откри и дека Ружи изнајмил стан по пониска цена, наменет за оние со пониски примања. Се наведува и дека неговата сопруга купила фен за коса вреден 500 евра и го реновирала својот државен стан за 63.000 евра.
Текстот Француски министер поднесе оставка, вечерата со сопругата ја платил со државни пари е превземен од Reporter.mk.