„Кристијан Диор: Дизајнер на соништа“ е името на изложбата отворена во музејот „Викторија и Алберт“ во Лондон, која вклучува 500 креации, модни додатоци, скици и шишиња од парфеми на светски познатиот дизајнер.
На изложбата е прикажана историјата на луксузниот бренд основан во 1946 година. Креациите се од самиот Кристијан Диор кој почина во 1957, но и од шестемина дизајнери кои го наследија. Од фустанот на принцезата Маргарет за нејзиниот 21. роденден сѐ до оскаровскиот фустан на Џенифер Лоренс, и креациите со потписот на „Кристијан Диор“ што се нашле на насловните страници на многу списанија – изложбата го прикажува најдоброто од оваа модна куќа.
„Диор не е само револуционер во модниот дизајн, туку е важен и поради начинот на кој го водел бизнисот. Неговиот модел на бизнис е многу сличен на она што го работиме денес. Тој сакал да изгледа светски на различни пазари. За него, Лондон бил исклучително важен пазар. Тој бил самопрогласен англофил“, рекол за британските медиуми Ориол Кулен, куратор за мода во музејот.
Текстот (Галерија) Изложба на најубавите фустани на „Диор“ во Лондон е превземен од Reporter.mk.