„Медена земја” ќе добие „Оскар“ за најдобар документарен филм, предвидува угледниот британски весник „Гардијан”. Во пресрет на доделувањето на наградите на Американската филмска академија, филмскиот критичар на „Гардијан“, Питер Бредшоу, вели дека „Медена Земја“ ќе ги победи останатите конкуренти.
Покрај македонскиот документарец, за наградата „Оскар“ се тркаат и британско-американската копродукција „За Сама“, сириско-данскиот „Пештерата“, бразилскиот „На работ на демократијата“ и американскиот „Американска фабрика“.
Во втората категорија во која е номинирана „Медена земја“ за најдобар странски филм, Бредшоу предвидува дека „Оскар“ ќе добие јужнокорејскиот филм „Паразит“. Во оваа категорија во трка за златната статуетка се и „Корпус Кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција и шпанскиот „Болка и слава“.
92-то доделување на Оскарите ќе се одржи вечерва во театарот „Долби“ во Лос Анџелес. Церемонијата почнува во 2 часот по полноќ по македонско време, а ќе се пренесува во повеќе од 220 земји и територии во светот.
Текстот „Гардијан“ прогнозира дека „Медена земја” ќе добие Оскар е превземен од Reporter.mk.