Легендарниот стадион „Сан Сиро“ во Милано ќе биде заменет со нов, откако италијанските власти не дадоа приговор за негово уривање.
Стадионот што го делат фудбалските клубски великани Милан и Интер, е изграден во 1926 година, но властите кажаа дека тој нема архитектонско, културно и историско значење за да биде заштитен.
„Сан Сиро“ е името на стадионот кога како домаќин игра клубот Милан, додека кога игра Интер, истиот стадион е наведен под името Џузепе Меаца.
Двата клуба уште лани поднесоа барање за изградба на нов стадион со 60.000 седишта, вреден 1,2 милијарди евра. Планирано е тој да биде подготвен за сезоната 2022/23.
„Сан Сиро“ бил подложен на низа трансформации откако е изграден и останати се само мали делови од оригиналниот проект, па било заклучено дека нема основа за негово зачувување. Наспроти ова, градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, сака да го реновира сегашниот стадион.
Овој стадион беше домаќин на четири европски финалиња и на шест натпревари од Светското првенство 1990 во Италија.
Текстот Италијанската влада го одобри уривањто на стадионот „Сан Сиро“ е превземен од Reporter.mk.