Крокодилот што некогаш му припаѓал на покојниот кубански лидер Фидел Кастро, каснал маж на традиционалната забава на ракови во аквариумот „Скансен“ во Стокхолм, Шведска, пишува „Би-би-си“. Ова е еден од двата крокодила што Кастро му ги подарил на рускиот астронаут Владимир Шаталов во 1978 година.
Шаталов потоа ги одвел крокодилите во Москва, а подоцна, кога станале преголеми и опасни, ги подарил на московската Зоолошка градина. Во 1981 година тие се пренесени во шведскиот аквариум кој имал подобри услови за чување крокодили. Крокодилите се викаат Кастро и Хилари.
Јонас Валстром, директор на аквариумот, изјави дека гризнатиот човек држел говор кога се случил инцидентот. Тој во еден миг „ја ставил раката на погрешната страна на сигурносното стакло”, стои во полицискиот извештај. Оттаму велат дека претходно не е забележан ваков инцидент.
„За среќа, на свеченоста беа присутни три лекари, кои се погрижија за повредениот и му го запреа крвавењето“, додал Валстром. Човекот потоа со итна помош е пренесен в болница.
Текстот Крокодилот на Фидел Кастро гризна човек е превземен од Reporter.mk.