Маја од Скопје стана мајка на 51 година: Сѐ за мојата Лина

Скопјанката Маја Мицевска е eдинствената жена во Македонија која за првпат стана мајка на  51. година.  Таа пред седум месеци се породи со ќерката  Лина, која сега е центарот на светот за Маја и нејзиниот сопруг. Породувањето беше во приватна болница „Ре- Медика“, од каде и ја раскажаа приказната за бременоста на  Маја и раѓањето на нејзиното прво дете.  Во периодот кога веќе престанала да размислува за брак, таа го запознала таткото на нејзиното дете.

„Јас и сопругот се сретнавме многу доцна во животот. Тогаш, тој 1 мај 2014 година, јас имав 47 години. Тој е 4,5 години помлад од мене, роден е во 1971 година, а јас во 1966 година. Веќе на мои 48 години започнавме да се обидуваме да имаме дете. Го запознав во период од животот кога почнав да се откажувам од брак, но потајно, сепак, најголема желба ми беше да имам дете. Моите другарки имаат деца. Децата и мене ме сакаат, таква сум, дечарка по природа. Секогаш сакав да имам свое дете, но не сакав сама да го одгледувам, сакав тоа да расте со мајка и со татко – раскажува Маја. Беменоста поминала во најдобра ред, а за која грижата ја има д-р Глигор Димитров.

„ Породувањето беше со епидурална анестезија. Бев смирена.  Немам зборови да опишам колку беа професионални сите вработени. Знаете, можеби многумина ќе речат, па како да не бидат професионални кога плаќаме за тоа. Сепак, според мене ниту едни пари не можат да го платат тој однос, тоа големо трпение и љубов кои тие ги даваат. Лина се роди 2.870 грама, а беше долга 50 сантиметри. Кога ја извадија почна да плаче, а кога ми ја ставија на градите, се смири“, раскажа Маја . Во болницата останале пет дена.  Сите и велеле дека е храбра жена. Кога  роднините и пријателите на Маја дознале дека чека бебе, со восхит зборувале за нејзината храброст да одлучи да стане мајка на тие години.

“Реакциите беа тие, не им се веруваше дека имам толкава храброст да родам дете на 51 година. Кога дојдовме дома од болница имав голема помош од мајка ми, која и ден денеска ми помага. Лина, главно, е мирно бебе. Станува рано, до скоро се будеше по три пати во ноќта, а сега се буди само еднаш. Сè уште не сака да спие во своето креветче, спие меѓу мене и сопругот. Кога ќе се разбуди наутро меѓу нас, почнува многу да се радува и да се смее, не знае во кого прво да гледа и кому прво да му се радува. Многу сака кога се шетаме надвор, сите деца ги гушка, среќно бебе“, раскажала Маја.

Маја е архитектка, има своја фирма, а нејзиниот сопруг е електроинжинер. Кога Лина имала два месеци, Маја морала да им се врати на работните обврски. Изминатиов период времето повторно и го посветува на неа, но за два месеци ќе мора целосно да се врати на работа.

„ Жал ми е што ќе морам да ја оставам Лина. За неа ќе се грижи мајка ми, но ќе ангажираме и дадилка, бидејќи и мајка ми си ги има годините“, додава Маја.

Текстот Маја од Скопје стана мајка на 51 година: Сѐ за мојата Лина е превземен од Reporter.mk.