Поранешната НБА-ѕвезда Мајкл Џордан подари два милиони долари за помош на загрозените во Северна Каролина од ураганот Флоренс. Поранешниот кошаркар решилл да помогне веднаш, откако слушнал за пустошот што ураганот го оставил зад себе, наведува агенцијата АП.
Џордан подарил по милион долари на Црвениот крст и една фондација која има за цел да им помогне на граѓаните на Северна Каролина, каде што живеат и неговите роднини и другари.
Џордан својата младост ја минал во средното училиште во Вилмингтон, градот што беше погоден од ураганот Флоренс. На ова место ги направил своите први кошаркарски чекори.
Во интервјуто за АП, Џордан изјави дека бил загрижен за луѓето во овој дел од САД. Ураганот усмрти 34 лица, уништи голем број куќи, електрични постројки и предизвика огромни поплави.
Џордан чувствувал дека мора да помогне на некој начин на оние кои му помогнале на него.
„Чувството е добро кога ќе помогнете на некој кому му е потребна помош. Јас сум еден од оние среќници кои направија неверојатна кариера. Сега се чувствувам уште подобро затоа што можам да им помогнам на луѓето. Некои од нив ми се и добри пријатели“, изјавил Џордан, кој во својата младост играл кошарка во колеџот во Северна Каролина.
Покрај паричната донација, членовите од организацијата „Хорнетс“ ќе поделат пакети со храна на граѓаните кои директно се погодени од ураганот.
Текстот Мајкл Џордан донираше 2 милиони долари за настраданите од ураганот Флоренс е превземен од Reporter.mk.