Помина една смртоносна недела на Монт Еверест. Десет алпинисти починаа при искачување или на симнување од највискиот врв на нашата планета познат и под локалното име Чомолунгма – Божицата мајка на Земјата.
До сега на Монт Еверест загинале повеќе од 300 алпинисти, а од нив околу 200 најверојатно засекогаш ќе останат на висина над 8.000 метри, замрзнати. Но кога ќе ги погледнеш, раскажуваат алпинистите, изгледаат како да се живи. Едноставно, како да спијат. Еден од загинатите чие тело е некаде под врвот е на Димитар Илиевски Мурато, првиот Македонец кој го освои Хималајскиот врв во 1989 година.
Некои алпинисти тврдат дека е лоцирано неговото тело, но тоа никогаш не е откриено, иако една таква експедиција се подготвуваше пред речиси 20 години. Прекината била од технички проблеми со непалската влада.
Алпинистите кои се искачувале на Монт Еверест раскажуваат дека телата на починатите се толку сочувани што дури било ужасно да се гледаат. Едно од најпознатите тела е тоа наречено „зелени чизми“ за кого се претпоставува дека на индискиот алпинист Цеванг Палјор, но тоа не е сигурно докажано. Тој буквално како да спие на висина од над 8.500 метри.
Алпинистите ја раскажуваат и приказната за германската „клајмберка“ Ханелор Шулц која не успеала да се искачи на врвот во 1979 година – останала замрзната седејќи со очи ширум отворени.
Експерти велат дека операција да се спуштат телата и достоинствено да се погребаат, односно да се запалат нивните останки во Непал, е многу ризична, скапа и речиси невозможна. Сепак неколку такви обиди завршиле успешно, но тоа најмногу зависи од тоа каде се наоѓа телото, зашто Монт Еверест е непристапен за хеликоптери речиси на секоја точка. Затоа, потребно е телата да се симнат од над 8.000 метри до висина од околу 5.500 метри, а тоа е исклучително ризична и напорна операција.
Текстот Монт Еверест – масовна гробница на 200 смрзнати алпинисти, меѓу нив и Македонец е превземен од Reporter.mk.