Во тек на експедиција на Антарктикот научници откриле фосилизирана стапалка од диносаурус стара околу 200 милиони години. Стапалката е со големина на рака, а ја оставило животно од групата архосаур, соопшти германскиот Сојузен институт за геонаука и природни ресурси од Хановер. За кој тип диносаурус точно станува збор, засега не е јасно.
Архосаурите се главно фосилна група на организми во која спаѓаат помали влекачи, односно диносауруси, птеросауруси (летачки влекачи) и денешните крокодили.
Научниците ја откриле стапалката во јануари 2016 година во северниот дел на Викторија ленд, но нивното откритие неодамна беше објавено во научното списание „Полар рисрч“. Коски од диносаурус претходно беа откриени во јужниот дел на Викторија ленд, но во северните предели досега не било откриено ништо.
„Ова е нешто што не го очекувавме“, рече водачот на експедицијата, Андреас Лауфер.
Покрај тоа, научниците откриле фосилизирани остатоци од шума околу 1.700 километри од Јужниот Пол.
„Ова покажува дека Антарктикот пред 200 милиони години не бил леден континент како што е денес“, додал Лауфер.
Текстот На Антарктикот откриена стапалка од диносаурус стара 200 милиони години е превземен од Reporter.mk.